На едно од осум лица кои имале Ковид-19, им е дијагностицирана првата психијатриска или невролошка болест во рок од шест месеци по позитивниот тест за вирусот, сугерира нова анализа објавена на МedRxiv, пренесува ,,The Guardian”.
Анализата, која сè уште треба да биде разгледувана, исто така открила дека тие бројки се искачиле од еден на три кога биле вклучени пациенти со претходна историја на психијатриски или невролошки заболувања. Исто така, анализата открива дека на еден од девет пациенти им биле дијагностицирани нарушувања, како депресија, и покрај тоа што не отишле на лекар додека имале Ковид-19.
Истражувачите користеле електронски здравствени досиеја за да проценат 236.379 хоспитализирани и нехоспитализирани пациенти во САД со потврдена дијагноза Ковид-19, кои ја преживеале болеста, споредувајќи ги со група дијагностицирана со грип и група дијагностицирана со инфекции на респираторниот тракт помеѓу 20 јануари и 13 декември 2020 година.
Анализата, која ги опфатила познатите фактори на ризик, како што се возраста, полот, националноста, основните физички и ментални услови и социо-економскте фактори, открила дека инциденцата на невролошки или психијатриски состојби пост-Ковид во рок од шест месеци е 33,6 проценти. Скоро 13 проценти ја добиле својата прва ваква дијагноза.
Податоците се додаваат на претходни истражувања, на што покажало дека скоро едно од пет лица што имале Ковид-19, сега се дијагностицирани со психијатриско нарушување во рок од три месеци по позитивниот тест на вирусот.
Во најновата анализа истражувачите откриле дека повеќето психијатриски дијагнози биле почести по Ковид-19, отколку по грип или други респираторни инфекции, вклучувајќи мозочен удар, акутно крварење во черепот или мозокот, деменција и психотични нарушувања.
Веројатноста дека одреден дел од пациентите на кои им била дадена психијатриска или невролошка дијагноза по Ковид-19 имале основна болест, што едноставно не била дијагностицирана претходно, не може да биде целосно исклучена, но анализата покажа дека тоа не е така.
Иако истражувањето не докажува дека Ковид-19 стои директно зад овие психијатриски и невролошки состојби, се појавува истражување кое сугерира дека вирусот може да има влијание врз мозокот и централниот нервен систем.