#FrontAction
Сексуалната злоупотреба, сексуалното насилство е акт што напаѓачот го користи против некого кого го смета за послаб од себе не доаѓа од неконтролиран сексуален нагон, туку е злосторство направено намерно со цел да се контролира и понижи жртвата. И за ова сите треба да сме свесни.
Повеќето жртви на сексуално насилство се жени – факт што го рефлектира нивниот социјален статус дури и денес, во 21 век, како инфериорен во однос на мажите. Сексуалното насилство е друго средство за угнетување на жените во таканаречено патријархалното општество и пробување да се „пороби“ жената како таква.
Сексуалното насилство е социјален феномен што постои во секое општество кое прифаќа агресивно однесување и родова нееднаквост, а деновиве сме свесни и видовме дека и ние не сме исклучок.
Илјадници жени беа на мета во група наречена ЈАВНА СОБА на социјалната мрежа Телеграм. Тие беа таргетирани, стигматизирани, претрпеа стрес и оцрнување, поради својот изглед, личен став и објавени фотографии.
Неколку дена претходно, бевме сведоци на уште еден грозоморен настан во кој беше притворен тренерот по Џудо од Прилеп, бидејќи е под истрага за обљуба врз малолетнички.
Од тука доаѓа прашањето која е улогата на жената во нашето општество и која е почитта која и се дава, која ја заслужува во вакви крајно деградирачки ситуации?
Од една страна сме сведоци на одвратни осудувачки коментари – од друга пак гледаме неизмерна поддршка и охрабрување за жртвите.
Не можам да се помирам со фактот дека исфрустрирани мали луѓе се собрале на социјален медиум за да ја измерат својата машкост и да си го билдаат егото со вртење на девојки кои не ги ни познаваат и споделување на нивни приватни фотографии од социјалните медиуми.
Срам и одвратност.
Шок. Со кој го делам воздухот? Уште пострашен е фактот што некои луѓе знаеле за групата, но не преземале ништо и не кренале глас зошто „Што има лошо во споделување на фотографија?”.
Не – нема ништо лошо во споделување на фотографија. Има лошо во тоа што таа фотографија е споделена и злоупотребена од страна на психички лабилни ликови со цел да си ги задоволат сексуалните нагони и да понижат жена бидејќи „не му дава”.
ЗА ЖАЛ – сè уште живееме во општество во кое е најлесно да се криви жртвата, да се осуди, зошто и како било облечена – и да не се разбере дека ако сакам и гола ќе одам, но никој не смее да го пипне моето тело без моја дозвола.
Се надевам дека полека се будиме, бидејќи изминативе денови покажавме свесност, покажавме дека зборот “КУРВА” не ги допира жените толку лесно како што вие мали ситни душички и умови мислите, а на крај на денот покажавме дека стоиме една до друга и една за друга – бидејќи утре секој од нас може да се најде на тапет.
Сметам дека овие случувања ќе отворат можност за отворање и зборување гласно за овие проблеми, ќе повлечат измени во законите за заштита на жената, се надевам дека ќе се намали стигматизацијата и ќе се зголеми поддршката и дека ќе влеземе во еден процес на заштита на било која жртва од било какво насилство.
Не ги затвораме очите, ќе зборуваме, ќе пишуваме, ќе пријавуваме насилство во секаква смисла – психичка, физичка, сексуална, ќе се менуваат ставови и мисли ќе се отвораат затворените умови и ќе се шират видици – ќе се воспитуваат децата да разликуваат насилство од ненасилство, добро од лошо, жртва од сторител – ќе мора да се преземе најригорозно секоја мерка за да се стави крај на вакви тортури кои секојдневно се раѓаат во секаква форма и насекаде во нашиот регион.
Она што најмногу ме загрижува е фактот дека секоја трета жртва на насилство нема да каже никому дека била злоставувана. Бројот на пријавени случаи на сексуална злоупотреба е сè уште многу помал од реалниот број.
Ние сме општество на тишина и молчење многу ретко некој да проговори за суштинските работи и да биде разберен.
Ова што се случува деновиве е светло, искра и зрак – дека е престанат молкот на тажните солзи – и дека е време на гневните грла да зборуваат.
Доста се мешаме во туѓи матки и донесуваме заклучоци базирани врз етикети. Никој не знае низ што поминува жртвата.
ЗОШТО МОЛЧИ ЖРТВАТА? Таа молчи затоа што не му верува на системот на казнување, затоа што казните се премногу благи, а судските постапки траат со години, затоа што жртвите се изложени на јавен линч од општество во кое мажот е глава на семејството и општество во кое секогаш „TАА СИ ГО БАРАЛА”, „ЗОШТО НОСИ СУКЊА?”, „ПА ВИДИ ЈА КАКО Е НАШМИНКАНА?“.
Доста е – во секоја смисла на зборот доста, преку глава ми е од кривење на жртвите и нивно агресивно тормозење низ лавиринтите на правдата која никој не ја гледа, време е да се казнат престпниците и да се преваспитуваат децата и младите.
Насилството е насекаде околу нас, стануваме агресивно општество кое воспитува деца и млади луѓе со агресивно однесување и ги охрабрува да бидат агресивни во врските.
Удар или два, навреда повеќе или помалку, некако поминува оправдано од семејството – време е да се каже крај на секаков тип на насилство.
Не смее да се негува никулецот на омразата и да очекуваме да изникне цвеќе на љубовта.
Кои се овие модели и од каде овие млади и стари луѓе го слушнале сето тоа и го научиле? Кој е моментот кога ти се спојуваат жички и сакаш да станеш дел и да делиш и продуцираш порнографија и тоа детска. Како стасавме до тоа, да и се исмејуваме на жената, да ја омаловажуваме и понижуваме. Од каде излегле овие млади, па и стари лица – ако не од жената. Дали овие господа имаат почит спрема нивните ќерки, мајки, жени? Јас не сум феминист, јас сум човек и несватливо ми е насилството во никаква форма.
Ние сме суштества на љубов, не суштества на зло – не можам да се помирам дека го делам воздухот со вакви искомплексирани створења.
Разочарување ми е и бол.
Нема друг одговор освен да се погледнеме во огледало, да ги погледнеме нашите семејства и образовниот систем, да видиме дека ужасно ни недостасува СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ, да си признаеме дека кај нас се е табу тема. Дека за СЕКС не зборуваме, дека за половите органи не зборуваме, дека за желбата за СЕКС не зборуваме. Да си признаеме дека младите немаат доверба во социјалната грижа и се истрауматизирани од зборот психолог или психијатар. Додека го зборуваме ова само се надевам дека се бришат фотографиите од жените, дека се смируваат тензиите, дека страстите се згаснати, а правдата задоволена. Дека полека станува полесно да се биде жена. Дека нема веќе да има тепање по дома и да се молчи, дека некое девојче е пипкано од манијакален старец, дека некој е истрауматизиран зошто облекол бикини, се надевам и верувам дека ќе сме гласни заедно И МАЖИТЕ И ЖЕНИТЕ бидејќи наше е да го промениме овој грозоморен начин на живот и да ги вратиме границите на нормалата.
Не некој друг – туку НИЕ, страшните демначи на социјални мрежи и војувачи за правда, да застанеме во одбрана на суштината, во одбрана на достоинството и ние да му покажеме заби на насилството, без кој е, што е, каков е, на каква позиција. ВРЕМЕ Е ДА ПОЧНЕМЕ ОД СЕБЕ. Што може секој од вас да направи за да го сопре овој хорор?
Погледнете се во огледало – и почнете да го менувате светот во кој живееме.
Ве сака,
В.