пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ/ЦИВИЛ МЕДИА
Националистите и лудаците од „двете страни“ повторно со истата приказна. Пак за нивните глупости и „резултатите“ од нивното долгогодишно лудило и омраза, прозиваат некој друг.
Едни ме повикуваат да го поддржам протестот за осудените во случајот „Монструм“, на кој се извикуваат националистички пароли и кој се злоупотребува за политички цели.
Другите, пак, ме повикуваат да го осудам протестот за „Монструм“, истовремено користејќи жесток говор на омраза и кон мене и кон мојот народ што го нарекуваат „Шиптари“, „племе“, „дивјаци“…
Еднаш едните, другпат другите, и така секој ден. Они го товараат општеството со фекалии и омраза, ама крив им е Петрит. Или, „редовните“ виновници – Цивил, Џабир, Орданоски… сите оние што со години се борат против национализмот, редовно се „виновни“ за настани, во кои ниту учествуваат, ниту ги произведуваат, ниту ги поддржуваат.
Не знам дали сфаќаат дека со тоа што повеќе не напаѓаат нас отколку што се напаѓаат меѓу себе, самите кажуваат и откриваат многу. Кажуваат и за меѓусебната соработка на лудаците, а кажува и за тоа дека тие знаат многу добро од каде доаѓа опасноста за нивните лудачки приказни.
Младиќот им благодари на комплиментите, и пак ќе им го каже истото, по не знам кој пат:
Слушајте, џибери. Ниту некого плашите, ниту пак мислиме да ви замолчиме. Не ви молчевме кога бевте најмоќни и го доведувавте општеството неколкупати на раб на војна, ниту пак ќе молчиме сега, кога сте наапани и прскате уште повеќе, а општеството се колеба да ви одговори онака како што треба.
Наместо пусти надежи дека ќе нè замолчите, да ви предложам да го потрошите попаметно вашето време, во склад со вашите интелектуални можности:
Направете самит на лудаци. Таму, договорете се меѓу себе што треба да поддржиме, и што да осудиме. А потоа соопштете ни ги заклучоците. Дајте нешто свежо, мајку му стара, збајатевте со плуканициве, не сте ни забавни веќе
#SledeTene
#NieSmeLudaci
#AluminiumOverMaximum
Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани.