Иако министерката за образование и наука Мила Царовска и ресорното министерство ја демантираа информацијата објавена во дел од медиумите, а кои произлегоа од Фејсбук групата „Од нас за нас“ за наводните содржини во учебници за второ одделение за изучување на сексуалното обарзование, коментарите на социјалните мрежи не стивнуваат. На својот фејсбук профил пред два дена коментираше и актерката и советничка во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Јелена Жугиќ.
„Од второ одделение?!? Од ВТОРО?!? Невладино владина госпоЏице, на таа возраст децата воопшто не се идентификуваат себе си по пол, туку по добри и не толку добри деца, по другарче кое подава рака кога ќе паднеш и по она што те бутнало, сопнало, случајно или намерно. Кому вие тоа сакате да НАМЕТНЕТЕ сексуално воспитување кога на децата на таа возраст такво воспитување воопшто не им е во фокус на интерес и потреба. ЗОШТО?!?!?
Сексуално воспитување е добар факултативен/изборен предмет за 9то одделение, за оние ученици кои за таа тема немаат услови да разговараат дома. Во второ оделение децата треба да имаат воспитување, изборен предмет од областа на ЕТИКАТА и ЕСТЕТИКАТА, ДА УЧАТ ШТО Е ДОБРО И ПРАВЕДНО, А ШТО НЕ Е! Да учат ШТО Е УБАВО, ШТО Е ГРДО, а не да им наметнувате воспитување/образование кое е дааалеку од фокусот на нивниот интерес, потреби и емотивна зрелост.
Сте ги прашале ли родителите што мислат за сексуално образование во ВТОРО одделение?!? Сте ги прашале педагозите и детските психолози ( не тие во “финска” туку нашите) што мислат за сексуално освестување на деца на 6.5/7 години?!? МРШ У ТРИ ЛЕПЕ“, напиша Жугиќ.
И актерот и поранешен директор на Драмски театар, Сашо Тасевски го критикува воведувањето на сексуално образование во училиштата, притоа пишувајќи дека децата ќе учат за „убавините на педерастијата“.
„Розата од Финска демантира дека во нивниот учебник ќе се промовира педофилија и педерастија. Топ.
Е сега излези и јавно покажи го учебникот со целата содржина. За да ти поверуваме, нели? А бе гони се таму! Ви тече од ногавици. Не знаете веќе од која страна ве шамараат. Ајде, излези со учебникот на виделина. Доста ломотиш за лажни вести и како сме глупави во однос на вашето вистинољубиво благородништво“, напиша Тасевски на Фејсбук.
Од здружението „Од нас за нас“ кои првично ја објавија информацијата дека сексуално образование ќе се воведува од второ одделение и многу други информации меѓу кои и дека децата ќе гледаат фотографии од хомосексуалци во учебниците за 2-ро одделение, објави уште едно соопштение на Фејсбук групата. Во истото се вели:
„Ги повикуваме граѓаните да пристапат внимателно кон вестите кои се презентираат на официјалните медиуми како единствена вистина во поддршка на актуелни владини политики и преку детална анализа на СИТЕ информации кои им се достапни, да пристапат критички за целите на формирање на нивниот личен став. Секоја дискредитација и навреда упатена кон здружението и/или неговите членови е само обид на официјалните институции и официјалните медиуми да ги дискредитираат и придушат информациите позади кои стојат голем број научни трудови, научници, доктори итн. ширум светот, а сè со цел граѓаните да немаат можност да донесат ИНФОРМИРАНА одлука!“
Од МОН реагираа на како што велат на лажните вест, и упатија повик до граѓаните, родителите и учениците да не подлегнуваат на непроверени информации коишто се шират на социјалните медиуми, затоа што со истите се нанесува директна штета на Министерството за образование и наука, но и на целиот образовен систем.
И. Т. З.