Марк Цукерберг неодамна најави дека оваа година можеме да очекуваме промени во начинот на функционирање на социјалната платформа Фејсбук, пред сѐ од аспект на зајакнување на принципите на работа, со заштита не само на приватноста на корисниците, туку и допир со информации кои поттикнуваат насилство или шират говор на омраза, особено ако се инволвирани политички групи или субјекти или пак граѓански групи и страници.
„Нашиот фокус сега е да се развие оваа инфраструктура на заедница пошироко од фидови(feeds – можност за известување на корисниците на блогови или други често ажурирани веб страници за додадени нови содржини) и пораки за да им се помогне на луѓето да градат и водат целосно самоодржливи институции на заедницата. Така што градиме алатки за да им се помогне на групите да ги завршат работите заедно и обезбедуваме поддршка за повеќе луѓе кои користат пораки, видео чат и дури сопствени веб страни на заедниците. Исто така, истражуваме и различни начини за собирање средства, вклучувајќи донации, стока и членарина, за да им се помогне на лидерите на групи да ја поддржат работата на нивната заедницата и да вработат луѓе за различни улоги потребни за градење на одржливи заедници долгорочно.
Како што продолжуваме да се фокусираме на ова, треба да се осигураме дека заедниците со кои луѓето се поврзуваат се здрави и позитивни, а тоа е нешто на што сме фокусирани веќе некое време. Еден начин на кој што тоа го правиме е со отстранување на групи кои ги прекршуваат нашите правила за работа, како што се насилство или говор на омраза. Во септември, споделивме дека имавме отстрането над 1 милион групи само во изминатата година. Но постојат и многу групи за кои можеби не сакаме да ги охрабруваме луѓето да им се приклучат, иако не ги прекршуваат нашите политики. Така на пример, престанавме да препорачување граѓански и политички групи во САД во пресрет на изборите. Продолжуваме да го прилагодуваме функционирањето на ова, но сега планираме да ги држиме граѓанските и политичките групи надвор од препораките долгорочно и планираме да ја прошириме таа политика глобално. Да појасниме, ова претставува продолжување на работата што ја правиме некое време за обесхрабрување на разговори и заедници кои разединуваат“, вели Цукерберг во својата објава на Фејсбук.
Но, Цукерберг најавува и нешто, кое е во фаза на подготовка, но за земји како нашата каде Фејсбук е доминантна социјална платформа, може да значи целосно или делумно пренасочување на другите социјални платформи Твитер и Истаграм, и тоа во фокусот на намалување на политичките содржини.
„Моментално размислуваме за чекори што би можеле да ги преземеме за намалување на количината на политичка содржина и во „News Feed“. Сé уште ги разработуваме најдобрите начини како да го сториме тоа. И да бидеме јасни, секако дека сé уште ќе им овозможуваме на луѓето да се вклучат во политички групи и дискусии доколку сакаат. Тие често можат да бидат значајни и од помош. Тоа можат да бидат начини за организирање основни движења, да се проговори против неправда или да се научи од луѓе со различни ставови. Значи, ние сакаме овие дискусии да продолжат и понатаму. Но, она што како главна повратна информација ја слушаме од нашата заедница во моментов е дека луѓето не сакаат политиката и борбата да го преземе нивното искуство на нашите услуги“, вели Цукерберг.
Оваа изјава на Цукерберг, на некој начин, од една страна пласира одговор или делување како реакција на Фејсбук заедницата и нивните интереси, односно одлука за потиснување на политичките содржини со оглед дека луѓето сметаат дека има премногу политика, премногу политички содржини и премногу поделби.
Доколку потиснувањето оди во насока на претходно кажаното од Цукерберг, здраво и позитивно поврзување на луѓето, наспроти придонесување кон градење заедници кои разделуваат, се наметнува прашањето колку и на кој начин ваквиот начин нема да влијае негативно на сите обиди на мобилизација на граѓанското општество за теми кои што се важни за човековите права, граѓанските права, важни за учеството на граѓаните во донесување одлуки, за иницијативи на локално, национално ниво или глобални иницијативи. Дали Фејсбук ќе успее секогаш и во секоја земја да обезбеди правичност во однос на одлуките за исклучување или потиснување на одредени профили, групи или Фејсбук страници, кои безбедносни механизми ќе ги воспостави, што сѐ ќе подразбира под политички содржини или граѓански иницијативи, кои теми ќе бидат дозволени, а кои не…
Иако промените на овој план се најавени за тековната година и останува да се види како и со кој интензитет Фејсбук ќе ги имплементира, самата најава остава простор на резерва и дискусија колку ова пред сѐ ќе наштети на корисниците –граѓански организации, иницијативи, активисти, особено оние што се занимаваат со граѓанско право, човекови права, медиуми, па дури и екологија и заштита на животната средина, со оглед дека, барем кај нас, се работи високо политички теми, тесно поврзани со одлуките кои се носат на локално или национално ниво.
ЦИВИЛ во периодот што следи ќе отвори дискусија токму за овој аспект од користење на социјалните платформи, пред сѐ Фејсбук, но и алтернативните, како Твитер, и начинот на кој тие ги и ќе ги администрираат политичките содржини. Како учесници во дискусијата се поканети сите заинтересирани граѓанки и граѓани и засегнати страни.
Биљана Јордановска / Цивил Медиа