пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Ниту еден разумен човек не може да негира дека напредокот во женските слободи што е постигнат во минатиот век е непроценлив придонес во богатството на целокупното човеково искуство.
Тоа би требало да биде појдовен став во сите расправи за проблемите и правата на жените.
На дискусиите за основите, формите и целите на нивната борба.
И на општата борба за нивните права.
Затоа што таа борба не е само борба на жените за себе, туку е, односно мора да биде, борба на жените за сите и на сите за жените.
Понекогаш емоциите ни го замаглуваат разумот и си дозволуваме тоа да го доживуваме не како платформа за нови дострели туку како пораз на цивилизацијата.
Тоа е така хистерично.
Жената, никогаш не била послободна и никогаш не била поблиску до своите цели.
До комплетна рамноправност.
Макар што јас, како и Гомбрович, ги сметам жените за супериорна групација која само во лудило треба да се стреми кон комплетна рамноправност со инфериорноста на мажите, има тука уште многу работа.
Обаче, што?
И како?!
Сакам да обрнам внимание на неколку елементи кај Стивен Пинкер, автор чија систематичност, значи, научност, добронамерност, ширина и ерудираност, ме импресионираат.
Феминизам на праведноста (Кристина Хиф Самерс) се спротивставува на полната дискриминација и на другите облици на неправда кон жените. Тој феминизам е дел од класичната либерална и хуманистичка традиција која што е на трагата на просветителството, била мисла водилка на првиот бран на феминизмот и дала поттик за вториот.
Феминизмот на полот стои на ставот дека жените и натаму се поробени преку сеприсутниот систем на машката доминација, со полниот систем во кој „бисексуалните деца се претвораат во машки и женски личности од кои на едните им е судено да наредуваат, а на другите да слушаат“. Таа струја е спротивставена на класичната либерална традиција и се допира до марксизмот, постмодернизмот, општествениот конструктивизам, и радикалната наука.
Феминизмот на праведноста е морална доктрина за еднаквото однесување кон половите и таа не се допира до отворените емпириски прашања на психологијата и биологијата. Феминизмот на полот е емпириска дисциплина која истакнува три работи за човековата природа. Првата е дека разликите меѓу мажите и жените немаат никаква врска со биологијата туку дека во целост се општествено конструирани. Втората е дека човечките суштества имаат еден единствен општествен мотив – моќта – и дека затоа општествениот живот може да се разбере само во рамките на наметнувањето на моќта. И во таа смисла на мажите над жените. Третото тврдење е дека човечките интеракции не произлегуваат од мотивите на луѓето во поединечните односи, туку од мотивите на групите во односот со другите групи- во овој случај на машкиот пол кој доминира со женскиот.
Најекстремниот облик на феминизмот е предмет на заебанции затоа што настапува со крајности, на пример, дека секој полов однос е силување, дека сите жени би требало да бидат лезбејки, дека на само десет проценти од населението треба да му се допушти да биде од машки пол.
Но, тоа се екстреми.
Да се вратиме на аспектите на феминизмот на полот.
Пинкер вика дека претставниците на оваа доктрина го држат феминизмот врзан за шините по кои доаѓа брзиот воз. Во надеж дека ќе го исфрлат возот од шините или дека ќе ги соберат сите жени во мисијата на мачеништвото и смртта. Се разбира дека нема ништо ниту од едната ниту од друга цел. Тоа е антиженски феминизам. И антицивилизациски, се разбира.
Нема никаква научна втемеленост ставот дека машките и женските деца немаат никаква биолошка разлика освен во гениталиите и дека целиот нивен развој е општествен конструкт. Обратно, има научни докази дека има биолошки разлики кои генерираат и различни социјални и емотивни поведенија. Негацијата на науката нема да ги донесе жените до статусот на комплетна рамноправност туку прифаќањето и признавањето и аплицирањето во нивната борба. Второ, не е точно дека единствен мотив на интеракциите е моќта. Таа мотивација, се разбира, постои, често и доминира, но тука има и многу други елементи, љубовта, семејството, убавината. Трето, не е точно дека мажите во односите со жените настапуваат во својство на припадници на својата група. Ги боли таквото за групата. Макар што иконата на феминизмот на полот, Браунмилер, тврди дека тука се работи за однос на сите мажи кон сите жени. Тоа е така будалесто. Трето, не е точно дека живееме во цивилизација која ги одгледува машките деца да ги силуваат жените. Па има ли некој нормален кој ќе поверува во тоа. Тие мажи, меѓу другото, имаат мајки, сестри, жени, зошто би се изложувале на прогон и срам за идеите на својата група, страшните форми и интензитети на насилството врз жените не смеат да се земат како претекст за вакви дисквалификации на општа основа. Напредокот, јас би рекол драматичниот напредок во секторот на општествениот статус на жената се спротивставува на ваквите тврдења. И трето, не е точно дека силувањето нема врска со сексот.
Мантрата низ која се повторува дека силувањето е насилство врз телото и достоинството на жената кое нема врска со сексот, не е втемелена во науката и има или може да има опасни последици врз жените и врз самата борба против силувањата. Тоа е како да кажеш, наведува Пинкер, дека пљачката на банка нема врска со стрвноста по пари. Србљановиќ ја повтори таа мантра во случајот со силеџијата Мика Алексиќ. И ОН во декларација од 1993 ми се чини. Таа мантра делува така лепливо, супериорно, би рекол, но не е точна ниту во однос на праксата, а ниту во однос на науката за тие работи. Освен тоа опасна е за идејата да се бориме против силувањата како највисока морална цел на општеството. Жените ги олабавува и тие мислат дека во амбиент кој не е насилен нема да има силување. Што е голема грешка. Кај Вајнштајн или кај тулумите на разноразни богаташи лудаци, нема темни ходници, се е светло и бело.
Силувањето е доминирано од сексот повеќе отколку од идејата за машката доминација.
Паглија пишува:
Цело десетлетие феминистките настојуваат да им го напикаат во главите на своите следбенички геслото: „Силувањето е злосторство на насилство, но не и секс.“ Таа во шеќер увалкана наивна глупост, ги изложи младите жени на катастрофа. Заведени со феминизмот, не очекуваат дека ќе ги силуваат добрите момчиња од добри фамилии кои седат до нив на предавањата…
Тие девојки велат: „Па, сега, ништо не би требало да ме спречи да се напијам на забавата во факултетското братство и да се качам со момчето горе во неговата соба и дека меѓу нас ништо нема да се случи.“ А јас велам: „Ма немој? А кога ќе се довозиш со кола во Њујорк, ги оставаш ли клучевите на хаубата?“ Сакам да кажам дека ако некој ти го украде автомобилот откако ќе направиш такво нешто, јасно е дека полицијата треба да го пронајде крадецот и да го казни. Но, во исто време, и полицијата и јас имаме право да кажеме: „Глупачо една, што имаше во главата.“ Ако мажот силува поради секс тоа не значи дека ние бараме изговор за неговото однесување исто како што не бараме кога некоја будала ќе го убие газдата на дуќанот со алкохолни пијалоци за да ја ограби благајната или за оној што ќе го удри по глава возачот за да му го украде беемвето.
Конечно, доаѓаме до еден аспект кој може да се чини спореден или дури банален, ама не е. Правото на жената да се облекува како сака и каде сака и кога сака. Се разбира дека тоа право, во принцип, е неприкосновено. Но, тоа се однесува на некој идеален свет. Во вистинскиот свет жената мора да води сметка за односот на своите прави и опасностите во конкретен општествен амбиент. Тоа жените го знаат. Ниту една нема да оди провокативно облечена низ темните агли на студентскиот камп или во некои предградски сокаци, сеедно што на тоа има право.