Состојбата со коронавирусот во Струга и Вевчани е стабилна. Бројот на заразени е значително намален. Во Здравствениот дом во Вевчани хоспитализирани се само тројца пациенти, дознаваме од СДК.мк.
„Состојбата е стабилизирана епидемиолошки сликата е под контрола. Вирусот повеќе не се шири на подрачјето на селата Лабуништа, Октиси, Татеши, Подгорци и Велешта. Во моментов во Вевчани имаме тројца активни позитивни во дневната болница во ковид амбулантата а на територијата што ја покриваме се 15 лица“, вели директорот на Здравствен дом Вевчани, Јован Стојкоски.
Во вевчанскиот регион досега беа лекувани 250 заболени од корона вирусот, најголем број од Лабуништа каде беа регистрирани најголем број заболени, но и починати од корона вирус.
Струга беше една од најпогодените општини од почетокот на пандемијата со дневно најголем број заразени. Сега бројот на заболени кои се лекуваат во Општата болница е само 15 пациенти.
Засега во струшко нема ниту заболени со британскиот сој на вирусот , кој во моментов е најзастапен во Охрид.