Евростат одговори дека Законот за попис и методологијата во повеќето аспекти се широко поврзани со релевантните стандарди дефинирани во статистичкото законодавство на ЕУ иако ВМРО-ДПМНЕ нема доверба во пописот, пренесува Слободна Европа.
ВМРО-ДПМНЕ почна со акцијата за собирање потписи од граѓаните кои ги смета за поддршка на своите пратеници за да се обидат да го поништат Законот за попис. Еден од главните аргументи на челниците на опозициската партија е дека пребројувањето на населението кое треба да се одржи од 1 до 21 април не е во согласност со критериумите и препораките на Евростат.
Радио Слободна Европа праша во Евростат дали се запознаени со македонскиот Закон за попис и методологијата и ако се, дали тие се во согласност со нивните стандарди.
„Законот за попис и методологијата неодамна беа споделени со Евростат. Тие во повеќето аспекти се широко поврзани со релевантните стандарди дефинирани во статистичкото законодавство на Европската унија иако законодавството на ЕУ се уште не е обврзувачко за Северна Македонија како земја кандидат”, наведува Маргарида Карвало од канцеларијата за односи со јавноста на Евростат.
извор: Слободнаевропа.мк