Ким Кардашијан и Кание Вест и официјално се разведуваат по речиси 7 години брачен живот. Гласините за крајот на нивниот брак се покажаа вистинити и популарната ТВ ѕвезда поднесе документи за развод.
Според информациите до кои стигна TMZ, Ким бара заедничко старателство над четирите деца. Бидејќи парот има предбрачен договор, нема да има несогласувања при разделбата од финансиски аспект.
За да помине процедурата што полесно, 40-годишната ѕвезда од „Keeping Up with the Kardashians“ ја ангажирала Лора Васер, позната адвокатка чија специјалност се разводите, а која има застапувано бројни славни личности.
Проблемите во бракот на Ким и Кание станаа очигледни за јавноста кон средината на минатата година, кога 43-годишниот рапер ја започна претседателската кампањата. Во текот на контроверзен говор, тој призна дека размислувале за абортус кога Ким останала бремена за првпат.
„Таа ја донесе Норт на овој свет, иако јас не сакав. Таа истапи и го заштити тоа дете“ – рече тој и раскажа дека неговата мајка го родила него и покрај тоа што неговиот татко сакал да го абортира.
Во неколку наврати, Кание упати навреди кон семејството Кардашијан-Џенер преку Twitter, што сигнализираше дека нивните односи заладуваат. Тие беа фотографирани и за време на емотивна расправија во Вајоминг. Наводно, Ким не сакала веднаш да побара развод, за да не го влоши менталното здравје на Кание, кој има биполарно растројство.
Ким и Кание се родители на четири деца – 7-годишната Норт, 5-годишниот Сент, 3-годишната Чикаго и Псалм, кој наскоро ќе наполни 2 години. Парот се венча во Фиренца во 2014 година.
/femina.mk/