Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на денешната собраниска седница на која се поставуваат пратенички прашања информира дека во програмата за работа на Јавното претпријатие за државни патишта е предвидена обнова на патниот правец кон Богданци во вредност од 50-тина милиони денари, кои се одвоени и се работи на подобрување на инфраструктурниот проект.
Тој потенцира дека откако ќе се дојде до градежно одобрение, веднаш ќе се аплицира за одобрение за градба и ќе биде распишана тендерска постапка за изградба и избор на изведувач што ќе го гради и рехабилитира овој патен правец.
– Работиме на сите предфази во однос на изградба на овој патен правец, а се работи и на експресниот пат од Струмица, коридорот 10 и подобро поврзување на југоисточниот дел со главната артерија во државата и поврзување со сите останати патни правци, рече министерот Бочварски.
Одговарајќи на прашање поставено од пратеникот Панчо Минов, заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски потсети дека во петтиот пакет е планирана помош дополнувања за земјоделците.
– Двата денари од програмата за директни плаќања при сите активности со лозарите и винариите, беа ставени настрана, односно ќе бидат исплатени оваа година. Она што е по хектар – 10 милиони евра, веќе се исплатија на 13 и 14 февруари, изјави Димковски, најавувајќи дека до 30 јуни треба да бидат исплатени сите основни и дополнителни мерки.
Претходно, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски процедурално побара ресорните министри навремено да одговараат на поставените пратенички писмени прашања, во законски утврдениот рок.
Пратеникот Димитар Апасиев од Левица процедурално се обрати до претседателот на Собранието, Талат Џафери и посочи дека во однос на редоследот на поставување пратенички прашања, неговата партија е обесправена трета седница и не може да постави пратенички прашања. Џафери одговори дека седницата за пратенички прашања започнува со разгледување на одговорите за веќе поставените прашања помеѓу две седници, започнуваат со одговорите, а кога ќе дојде редот за поставување прашања, врз основа на пријавените пратеници ќе се разгледа процедуралниот дел по барањето на Апасиев./МИА/