„Случајот Монструм е еден од најтрагичните во македонската правосудна историја. Тој е случајот пред кој што целата македонска јавност остана и во неверување и во тага. Мислам дека по ова двојно судење, конечно имаме судска разрешница“, рече министерот за правда Бојан Маричиќ во централниот дневник на Сител ТВ.
Истакна дека владата можела да обезбеди услови за повторно судење, но не и да влијае на пресудата.
„Имаше многу барања и индиции и индикации и од семејствата на жртвите и од семејствата на сторителите за повторување на постапката. Она за кое што се залагаше нашата влада беше да се обезбеди повторно судење без прејудицирање каков ќе биде исходот. Ако судот и обвинителството, повторно, врз база на сите докази дошле до ист заклучок, не треба тука политиката да прави ништо друго“ истакна Маричиќ.
Тој додаде дека целото општество треба да извлече поука од овој случај за да се чуваат меѓуетничките односи и да се чуваат животите на младите луѓе.
Запрашан за барањето за екстрадиција од Косово на двајца од тројцата осудени на доживотна затворска казна за случајот „Монструм“, министерот Маричиќ повтори дека и тој и неговата претходничка, министерката Рената Дескоска, имаат поднесено барање за екстрадиција.
„Ние постапуваме еднакво во сите случаи за сите осудени или осомничени кои се во бегство надвор од државата. Доколку имаме индиции и информации каде се наоѓаат бараме екстрадиција, не гледам зошто овој случај би бил исклучок“ потенцираше тој.