Министерот Бојан Маричиќ во вестите на Сител се осврна на слабостите во системот во врска со случајот Сашо Мијалков и неможноста на полицијата да го пронајде во текот на минатиот викенд.
„Нашиот систем не е идеален, тој десетина години беше под контрола на Сашо Мијалков и Никола Груевски. Многу луѓе и практики од тоа време останаа, се согласувам дека системот има слабости, но Владата демонстрира капацитет и волја овие прашања да добијат институционална разврска“ изјави тој.
Потенцираше дека денеска е голем ден за правната држава.
„Денеска е голем ден за правната држава и за владеењето на правото. По шест години и многу опструкции случајот со масовното прислушување доби судска разрешница и сметам дека тоа е важно и за државата и за целото општество“, истакна министерот.