Албанија ќе го одржи својот редовен состанок за стабилизација и асоцијација со Европската Унија на први март, за Северна Македонија состанокот е одложен, јави дописничката на МИА од Брисел.
Ова ќе биде единаесеттиот Совет за стабилизација и асоцијација за Албанија, клучен форум за земјите кандидати за членство каде се разговара за реформскиот напредокот.
Како што јавија од прес службата на Советот на ЕУ, состанокот в понеделник ќе се фокусира на стратегијата за зачленување во ЕУ и исполнување на критериумите за пристап во Унијата, политичките, економските и финансиските.
Северна Македонија требаше да ја одржи редовната седница на овој Совет на крајот на овој месец, но состанокот е одложен без прецизен датум. Се очекува да биде поизвесна агендата после изборите во Бугарија, која го кочи процесот за почеток на преговори со Скопје.
Пред неколку недели, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, оцени дека ова одлагање не го смета за притисок од страна на ЕУ врз Скопје да попушти пред барањата на Софија.