СДСМ соопшти дека Зоран Заев е единствен кандидат за нов партиски претседател и дека над 80 000 членови со право на глас ќе може да гласаат на првите непосредни внатрепартиски избори на 21 март. Централната изборна комисија вчера одржала седница на која биле потврдени и објавени кандидатурите за претседател на СДСМ.
Дваесет и девет мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра. Толку тежи петтиот пакет антикризни мерки. Владата вели дека е наменет за граѓаните и за реалниот сектор, за стабилна и развојна македонска економија и за подобрување на ликвидноста на стопанството.
Скопското обвинителство Скопје бара притвор за двајца од демонстрантите на вчерашните протести против пресудата за случајот Мoнструм. По завршувањето на говорот на организаторот на протестот, осомничените, на возраст од 22 и 19 години започнале да фрлаат камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, кон полицијата, во обид да го пробијат полицискиот кордон.
За малолетникот кој со автомобил удри во лекар, побаран куќен притвор и одземање на пасошот. Како што соопшти Јавното обвинителство, на 25 февруари, детето во ризик, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон сообраќајните прописи и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот и телото на луѓето.
Со растот на просечната плата да расте и минималната плата, бараат од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). ССМ соопшти дека се залага минималната плата да порасне на 60 отсто од просечната плата затоа што е тоа европска тенденција и случај во сите европски држави.
Комисијата за здравство во бугарскиот Парламент следната недела ќе го разгледа предлогот на опозициската Социјалистичка партија (БСП) за започнување преговори на Владата за набавка на руската вакцина против Ковид-19. М. М.





