Од утре почнува попишувањето на одредени категории граѓани како вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на армијата во странство, затворениците и бездомниците.
Не е исклучена можноста за нови рестрикции, но засега нема да има, изјави министерот за здравство Венко Филипче откако во изминатиот период се бележи благ пораст на бројот на новозаразени и честа појава на случаи со мутираниот, британски сој на вирусот.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов повторно реагираше за скандирањата на протестoт за пресудата од случајот „Монструм”. Скандирањето „УЧК“, „Етничка Албанија“, мавтањето со мапи на „Голема Албанија“ како и каменувањето на полицајците кои само си ја вршеа својата работа, за време на вчерашниот протест за Монструм, не одат во прилог на процесот на помирување за кој толку многу зборуваме и се залагаме, вели Ангелов.
Министерството за образование и наука во февруари ја организираше кампањата „Учи паметно, работи стручно“ во чии рамки се одржаа консултативни средби во градовите низ земјава, меѓу претставници од МОН, средни стручни училишта и компании. По консултативните средби, следува предлог-план до МОН за нови профили во стручните училишта.
Посебното основно училиште „Маца Овчарова“ од Велес за две учебни години ќе премине во Основно училиште со Ресурсен центар, чии наставници постепено ќе ги оспособуваат учениците со посебни потреби да тргнат во редовна настава.
Климатските промени го топат мразот на Монт Еверест, изложувајќи ги мртвите тела на алпинистите од минатото. Многу од овие тела биле покриени со снег и мраз со текот на годините, но сега со топењето на глечерите поради климатските промени, некои од долго скриените тела, наводно, повторно стануваат видливи.
Американскиот претседател Џо Бајден изрази задоволство и го поздрави одобрението издадено од американската Агенција за храна и лекови (ФДА) за вакцината на „Џонсон и Џонсон“ против Ковид-19. М.М.