Во првата точка од предлогот за кој вели дека е од политичко – дипломатско карактер, Георгиевски предлага Македонија да даде гаранција дека нема никаква аспирација за Источна односно Пиринска Македонија. Потоа гаранција дека земјава со ништо нема да ги помага и поддржува организациите кои бараат македонско малцинство во соседна Бугарија, а парламентот да донесе декларација во која ќе изјави дека под поимот македонска нација и македонски јазик подразбира само нација и јазик кои се формирани после 1944 година, информира Канал5.мк.
Четвртата точка на Георгиевски се однесува на мешовитата комисија за историски прашања и предлага бришење на содржини во учебниците за кои бугарската страна ќе оцени дека се навредливи, а нова комисија да работи на прогонот и убиствата на како што вели Македонци со бугарска национална свест.
Потоа предлог, македонската историографија да ги потполни важните биографски моменти на важни личности. На пример дека Гоце, Даме ,Ѓорче и стотици други, КАКО ШТО ПИШУВА Георгиевски, биле учители на бугарската егзархија.
Предлозите на поранешниот премиер навлегуваат и во прашањата за јазикот. Па така Георгиевски сугерира Македонската страна да признае дека целата македонска преродба се обидувала да создаде заеднички јазик со Бугарскиот но врз база на македонските дијалекти, но и дека официјално писмо и јазик на сите македонски организации во османлискиот период бил Бугарскиот јазик и писмо што се лесно проверливи факти.
Последната точка од прелогот на Георгиевски се однесува на инфраструктурни прашања, повикувајќи ја Македонската страна да ја даде под концесија железничката пруга на бугарските железници.
По скандалозниот предлог на Георгиевски побаравме одговор од владејачката СДСМ дали ставовите на коалициониот партнер се прифатливи за партијата. Оттаму велат дека се работи за лични ставови на Георгиевски со кои партијата нема допирни точки.