Два месеца по големиот пожар што го зафати Трговскиот центар „Глобал“ во Струмица, денеска почна да работи делот од Градскиот пазар кој не беше опожарен, како и продавниците на сите катови. Според Стојан Манев од Здружението „Обнова Глобал“, работат две третини од објектот.
-Половина од Градскиот пазар денеска почна со работа, како и сите продавници од приземје до четрти кат од десната страна на главниот влез кои беа помалку зафатени од пожарот. Саниран е и покривот, а до крајот на неделата очекуваме да завршат работите во делот кој беше најмногу опожарен. Таму е поставена електричната инсталација, се поставуваат плочки, а ќе бидат поставени и излози на продавниците од внатрешната страна, рече Манев.
Додава дека се задоволни од работата на изведувачите на работоти, но и од динамиката на санирањето на штетите и обновувањето на „Глобал“.
Според информациите од претседателот на Општинската комисија за проценки на штети од елементарни и други непогоди, Ацо Ѓоргиев, тече поднесувањето барања од страна на сопствениците на тезги и продавници и досега се поднесени вкупно 59 апликации, од кои 44 се од правни субјекти и 15 од физички. Оттаму апелираат до граѓаните до крајот на неделата да ги поднесат барањата за да може да се постапува по нив.