„Овој 8 Март ве повикуваме на протестен марш од 15:00 часот, за заеднички да упатиме порака дека не можеме да бидеме слободни, кога сè уште се бориме за нашите работнички права, достоинствно и почит и живееме под закана од насилство и системска дискриминација.“, повикуваат преку фејсбук објава од Платформата за родова еднаквост.
Во повикот се истакнува дека маршот е за поддршка на сите жртви на криминалната група Јавна соба и сите жртви на родово засновано насилство и се бара од ЈО неодложно и темелно расчистување на случаите.
„Маршираме бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група Јавна соба и сите жртви на родово засновано насилство. Зад статистиките стојат женски лица. Маршираме за да ги потсетиме интитуциите МВР и Јавното обвинителство дека нема да застанеме додека не ги исполнат нашите барања.
Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство.
Бараме кривичен прогон на администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и сѐ уште праќаат фотографии и објавуваат лични податоци на девојки и жени.
Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик.
Бараме професионално постапување, помош и поддршка на жртвите на родово засновано насилство од страна на сите надлежни институции.
Маршот ќе започне во 15:00 часот пред МВР (ул. Димче Мирчев бр.9, главен влез), а ќе заврши во Парк Жена Борец. И на двете локации ќе се обратиме до јавноста и институциите.
Овој случај е шанса за институциите да покажат дека се залагаат за женските права и во пракса, а не само декларативно.
Не смееме да дозволиме одржување на состојба во која жртвите се множат, а институциите молчат и потфрлуваат во извршувањето на својата функција, бидејќи држава што не постапува, е држава што силува!
Ве повикуваме да се облечете целосно во црно, како израз на гнев и револт.
Маршот е организиран од Платформата за родова еднаквост и ќе ги почитува протоколите за безбедност.
Ќе носиме маски и држиме дистанца, а адекватен број на редари ќе се погрижат тоа да биде така од почеток до крај на маршот.“, се вели во најавата за маршот.