Пишува: МАРТИН ТАСЕВСКИ
Изгледа конечно го откривме виновникот за македонската економска трагедија.
Не се ниските плати.
Не е иселувањето.
Не е партизацијата.
Не е корупцијата.
Не е слабата продуктивност на системот, лошото управување, недостатокот на технологија или фактот што десетици илјади млади и способни луѓе ја напуштија државата.
Не.
Проблемот бил што работникот имал премногу празници.
Стопанската комора предлага работниците, наместо досегашните верски неработни денови, да изберат два. Уште повеќе, ако државниот празник падне во недела, зошто да се префрла во понеделник?
Работи.
Само работи.
И не поставувај многу прашања.
Тука веќе не зборуваме само за календар. Зборуваме за една филозофија според која човекот постои првенствено како производна единица, а неговото време има вредност само додека создава профит.
И токму тука би било интересно на иста маса да ги седнеме Волтер и Че Гевара.
Два света. Две идеологии. Сосема различни луѓе.
Но веројатно и двајцата би имале исто прашање:
Каде е човекот во целата ваша математика?
Волтер би ја препознал апсурдноста на системот што бара од човекот постојано да дава повеќе, додека моќните постојано му објаснуваат дека и она малку што го има е премногу.
Че, би бил далеку понепристоен.
Би прашал како дојдовме до општество во кое капиталот има право постојано да бара поголема продуктивност, а работникот треба речиси да се извинува што сака еден ден да остане дома со семејството.
И јас би додал уште едно, многу македонско прашање:
Колку сакате да работи човек за 48.499 денари просечна плата?
(Тоа е официјалниот просек за јули 2026 година).
А знаеме што значи „просек“.
Огромен број луѓе живеат и со помалку.
Од тие пари треба да се плати храна. Струја. Вода. Гориво. Кирија или кредит. Облека. Лекови. Градинка. Дете. Поправка на автомобил. И, ако остане нешто, човекот можеби ќе си дозволи едно кафе без претходно да направи финансиска анализа.
И тогаш некој ќе му објасни:
Пет празници ти се многу.
Навистина?
Гревови сме како народ ако дојдовме до точка во која треба да се браниме зошто сакаме неколку дена во годината да бидеме луѓе, а не работна сила.
Гревови сме ако мајката треба да објаснува зошто сака празник со бебето.
Гревови сме ако таткото треба да се правда зошто сака Бадник дома.
Гревови сме ако муслиманот треба да објаснува зошто Бајрам не е обичен квадрат во календарот.
И уште поголеми гревови сме ако почнеме да мериме дали некој „доволно верува“ за да заслужи неработен верски ден.
Затоа што секој празник има значење.
Некој го доживува религиозно. Друг семејно. Трет традиционално. Четврт можеби воопшто не верува, но тој ден го поминува со родителите, децата и луѓето што ги гледа премалку.
Државата не е испитна комисија за вера.
Ниту работодавачот е свештеник кој ќе проверува колку добро го знаете значењето на празникот за да одлучи дали заслужувате да бидете дома.
Ајде тогаш да зборуваме за Европа.
Но за цела Европа.
Не само за оној дел од Европа што ни одговара кога треба да му се земе нешто на работникот.
Европското право гарантира минимум четири недели платен годишен одмор. Европските држави имаат бројни државни и верски празници. Австрија, на пример, во календарот за 2026 има тринаесет наведени празнични датуми.
Значи, очигледно Австрија не пропаднала затоа што луѓето понекогаш не одат на работа.
Ниту Европа ја изгради својата продуктивност со бришење празници од календарот.
Ја изгради со технологија.
Со организација.
Со образование.
Со капитални инвестиции.
Со функционални институции.
Со правна сигурност.
Со менаџмент кој знае дека продуктивност не значи човекот да седи што подолго на столче, туку за пократко време да создаде поголема вредност.
Тоа е модерна економија.
Другото се вика евтина работна сила.
И тука лежи суштинскиот македонски проблем.
Со години сакаме европска продуктивност со балканска плата.
Сакаме германска дисциплина, швајцарска прецизност и скандинавска ефикасност, ама кога ќе дојде први во месецот македонска плата.
Е па, не оди така.
Ако сакаме европски работник, тогаш да создадеме европски услови за работникот.
Европска плата.
Европска правна сигурност.
Европски услови за работа.
Европско почитување на прекувремената работа.
Европски баланс меѓу професионалниот и приватниот живот.
А потоа да разговараме за продуктивност.
Не можете да го земете само она парче од Европа што е корисно за билансот на компанијата, а да го заборавите остатокот.
Тоа не е европеизација.
Тоа е провинциски капитализам со европски вокабулар.
И да бидеме сосема јасни: компаниите мора да бидат профитабилни. Без профитабилни компании нема инвестиции, нема работни места, нема плати, нема економија.
Но токму затоа сериозната дебата треба да биде за тоа како да создадеме поголема вредност во еден работен час, а не како да исцедиме уште неколку работни денови од календарот.
Кога економскиот модел зависи од тоа дали работникот ќе работи на уште три празници, тогаш можеби проблемот не е во празниците.
Можеби проблемот е во моделот.
На Македонија не ѝ недостигаат три работни дена.
Ѝ недостигаат десетици илјади работници што си заминаа.
Ѝ недостигаат инженери.
Лекари.
Мајстори.
Возачи.
Програмери.
Луѓе што веќе не сакаа да слушаат дека треба да бидат благодарни само затоа што некој им дал работа.
И тука доаѓаме до најголемата иронија.
Со години се чудиме:
„Зошто си оди народот?“
Еве зошто.
Не само поради платата.
Туку и поради чувството дека човекот постојано должи нешто некому.
Должи на фирмата.
Должи на државата.
Должи на системот.
Треба повеќе да работи. Помалку да одмора. Да не се буни. Да биде благодарен. Да биде продуктивен. Да не бара премногу.
А кога тој човек ќе спакува два куфери и ќе замине во Германија, Австрија или Словенија, одеднаш организираме конференција за демографската катастрофа.
Не ни треба конференција.
Ни треба огледало.
Македонскиот работник не е мрзлив затоа што сака празник.
Не е паразит затоа што сака недела.
Не е непријател на економијата затоа што сака да го види своето дете додека е будно.
Работата е дел од животот.
Не е животот.
Тоа можеби е најреволуционерната реченица што денес може да се каже во Македонија.
И затоа, пред некој повторно да пресмета колку милиони „губела“ економијата затоа што луѓето еден ден не работеле, нека пресмета нешто друго:
Колку изгуби Македонија од луѓето што засекогаш си заминаа?
Колку изгубивме од ниските плати?
Колку од лошиот менаџмент?
Колку од корупцијата?
Колку од непотизмот?
Колку од работници кои физички се на работа осум часа, а системот е толку лошо организиран што продуктивни се половина од тоа?
Па кога ќе ги добиеме тие бројки, тогаш можеме да седнеме и да разговараме за трите празници што толку многу ја загрозиле македонската економија.
До тогаш, оставете му ги на човекот.
Малку му остана.
А држава во која и празникот на работникот почнува да се третира како економска штета треба сериозно да се запраша што точно гради:
економија за човекот — или човек за економијата?
Специјално за ФРОНТЛАЈН
Фронтлајн | идеи на првата линија






