25 години „ветер во грб“ на жените во бизнис водите. Агенцијата „Марили“ годинава прославува значаен јубилеј, четвртина век од првиот Избор на топ 10 најуспешни жени менаџери, манифестација која ги зближува, соединува, охрабрува и ѝм дава признание и поддршка на успешните менаџерки во Северна Македонија.
За успехот и искуствата од изминатитите 25 години, за јубилејната манифестација во мај која годнава ќе има малку поинаков карактер, за издржливоста на менаџерките во време на ковид- криза, разговараме со главната менаџерка на „Марили“, Лидија Трипуноска.
Фронтлајн: Традиционално, секоја година во март организирате Избор на топ 10 најуспешни жени менаџери од Република Северна Македонија, за претходната година. Ковид кризата ги измести работите од вообичаениот тек и истиот избор ќе има поинаков карактер и ќе се одржи во мај. Кажете нѝ повеќе детали за овогодинешната манифестација…
Трипуноска: Агенција „Марили“ годинава одбележува 25 години од организирањето на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ со која во континуитет се афирмира жената во бизнисот, односно, жената менаџер.
Традиционално, оваа манифестација се организира во март месец токму заради празникот 8.Март кој ја одбележува битката на жената за рамноправност во општеството. Оваа година, како и минатата манифестацијата ја поместуваме заради ковид-кризата, па ќе се одржи на крајот на мај кога очекуваме порелаксирана атмосфера во услови на пандемија.
Овој пат, наместо да избираме топ 10 најуспешни жени менаџери со оглед на нерамноправните услови за стопанисување на сите дејности, одлучивме јубилејот да го одбележиме со наградување на 25 жени менаџери кои биле дел од нашите избори, а кои континуирано успешно менаџираат подолг временски период, поточно, повеќе од 10 години.
На сите 25 ќе им бидат доделени статуетки и на уште неколку жени кои се докажани како успешни во својот професионален пат, а доаѓаат од други области. Со тоа овој проект кој опстојува четвртина век ќе ја заокружи својата мисија да ја верификува успешноста на жената во градење на својата професионална кариера.
Јубелејни 25 години и за Бизнис – каталогот. Оваа година зимското и летното издание ќе бидат објавени во едно монографско издание во мај и ќе содржи 25 интервјуа на успешни жени менаџери. Каква е идејата и пораката на овогодинешниот каталог?
Трипуноска: Оваа година е јубилејна и за уште еден проект на агенција „Марили“ – Бизнис каталог на РС Македонија кој, исто така, одбележува 25 години од своето издавање. Каталогот е промотивно издание за најдоброто од нашата земја од областа на културата, археологијата, туризмот, природните убавини, но и за бизнис можностите за кои посебно се говори преку интервјуа претставувајќи ги успешните бизнис приказни.
Во ова јубилејно издание ќе бидат присутни 25 интервјуа со успешните жени менаџери кои се дел и од јубилејната манифестација, а покрај нив ќе има и интервјуа со наши еминентни менаџери кои се репрезент на развојот на македонската економија повеќе од три децении, ќе бидат претставени и видни уметници и спортисти. Воведниот дел, овој пат му го посветуваме на 30-годишниот јубилеј од државноста на нашата земја и за таа цел е збогатен со бројни историски, но и културолошки податоци кои го исцртуваат нашиот идентитет, посебност и автентичност како народ со свои обележја во однос на традицијата, обичаите и писменоста.
Заради сето ова овој каталог има посебно значење и симболика како монографско издание кое ќе претставува сведоштво на едно време низ кое минувала нашата земја на општествен, економски и културен план.
Фронтлајн: Лани Беше одбележан и петгодишниот јубилеј на МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ кој ги обединува сите 250 жени менаџери кои биле дел од изборите на агенција „Марили“. Колку си даваат поддршка жените од клубот, на кои начин си помагаат меѓусебно, се поттикнуваат?
Трипуноска: Минатата година одбележавме еден помал, но многу значаен јубилеј – 5 години од создавањето на Марили Бизнис Клуб (МБК). Клубот ги обединува жените кои биле дел од нашите манифестации, низ годините вкупно 250 жени менаџери, но активни се во клубот нешто повеќе од 100 жени.
МБК е обмислен да им овозможи подобра комуникација, соработка, размена на идеи и искуства, но и соработка со други асоцијации, здруженија и организации на жени во земјава и во странство и да ја негуваат и хуманоста кон општествената заедница.
Во периодот 2020-2021 година членките на клубот беа свртени едни кон други за да си помогнат за полесно надминување на економските потешкотии во рамки на нивните бизниси. Беа споделени и разменети бројни информации кои требаше да им помогнат и да им го олеснат работењето во нивните компании.
Фронтлајн: Кажете нѝ повеќе за хумантиратните акции на жените од Клубот и нивниот придонес во борбата против ковид-патешествието.
Трипуноска: Во рамки на хуманитарните акции МБК имаше три значајни проекти: хуманитарна донација „Жените за жените“, кога беше дониран апарат за рана детекција и лечење карцином на дојка на Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје.
Со хуманитарната аукција на слики во 2018 дониравме средства на ЈЗУ Здравствен дом Прилеп, а во 2019 година преку хуманитарната донација „ДАМА-ДА-Донира“ купивме уреди за климатизација за им го подобриме животот на штитениците на Специјалниот завод во Демир Капија.
Членките на клубот и во услови на ковид-криза секоја поединечно и самостојно помагаа со свои донации во здравствени установи, ковид-центри и на сиромашмите и социјално загрозени семејства.
Трипуноска: Март е месец на жената, а ваш фокус веќе четврина век е бизнис жената. Со оглед на искуството, може ли да направите паралела, каде е местото на жената во бизнисот сега, а каде беше пред 25 години?
Трипуноска: Правејќи паралела за периодот од пред 25 години со овој денес во однос на местото на жената во бизнисот, ќе кажам дека тогаш имаше многу малку жени на раководни позиции, женското претприемаштво беше во зародиш, а менаџерството малку нагласено.
Не постоеше доверба дека жените можат самостојно да водат бизнис и во целост да го затворат „огнениот круг“ на бизнисот. Нештата постепено се менуваа и за среќа во бизнисот влегуваа не само храбри, туку и исклучително силни и цврсти жени кои ги поставија темелите на женското лидерство.
Денес имаме една нова генерација самоуверени, високобразовани и квалификувани жени кои се дел од современиот бизнис. Денес никој повеќе не се сомнева во способноста на жената самостојно да создаде и води бизнис. Секако, во тоа помогнаа и агенциите како што е „Марили“ и медиумите за да ја изградиме сите заедно културата на поддршка на успешноста на жената во градењето на нејзината кариера.
ФРОНТЛАЈН: До каде е борбата за родова еднаквост во бизнис светот? Надминати ли се предрасудите во однос на подеднаква валоризација на трудот на мажите и жените, исти плати за исти занимања, сексистичи коментари, мобинг, па дури и физички напади? Има ли напредок по овие прашања?
Трипуноска: Борбата за родовата еднаквост е веќе во понапредна фаза. Иако таа споро оди, сепак, жената е денес порамноправна во секој поглед од кога и да е.
Што се однесува до валоризацијата на трудот и висината на платите, сметам дека тие се изедначени во нашето општество, иако сè уште има појави кои загрижуваат и кон кои мора поакутно и поангажирано да бидеме свртени и сите заедно во општеството да се трудиме да ги надминеме.
Ивана Т. Зафировска