пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Пораките од 8 Март не смее да се заборават. Борбата за родова еднаквост и санкционирање на дискриминацијата и насилството трае секој ден. Тоа е наша заедничка борба за човекови права и слободи. Правата на жената се човекови права.
И сѐ додека луѓето мислат дека ова се обични фрази кои траат само еден ден во годината, жените, а со тоа и сите човечки суштества остануваат жртви на дискриминацијата и насилството. Еден конкретен пример за тоа е протестот на активист(к)ите за човекови права кои на 8 март од институциите побараа расчистување на грозоморниот случај „Јавна соба“ во кој девојки и жени се злоупотребени, понижени, уценети и малтретирани пред очите на јавноста. Што може да биде поважно од тоа?
И додека некои жени се гордеат со подароците што ги добиле од „главата на семејството“ или од колективот во кој работат, неброени жени се платени помалку отколку што за иста работа се платени мажите – затоа што се жени! Во текстилната индустрија има стотици жени кои не смеат да отидат во тоалет, освен на пауза. Ги заклучуваат во погоните кои се студени во зима и задушливи и претопли во лето.
„Но жените се украс! Не се работнички, менаџерки, полицајки, не се занимаваат со филозофија, уметност, политика… не, тие се украс! Тие се убави, нежни, мајки… Не смеат да абортираат! Мора да научат да готват и перат! Не смеат да ја откриваат својата убавина и сексапил, инаку ќе бидат „со право“ предмет на сексуално насилство!“ – сето тоа се ставови на „машкиот“ дискриминаторски свет насекаде околу нас.
Ако жената се врти по мажи и „недајбоже“ води љубов со повеќе мажи, тогаш е, простете на изразот, курва! Треба да ја навредат и понижат, да ја каменуваат! Ако мажот е со повеќе жени, тогаш е мангуп, заводник! Тој е „добар“ пример за другите, „палавко“… Трагично е што голем дел од жените, не само од постарите генерации туку и млади, го поддржуваат ова мислење. Уште пострашно е што системот сѐ уште не може да најде сили да се надмине себеси и не може да ја напушти празната декларативност.
Едноставно, жените не се еднакви со мажите. Не е само до Уставот и законите – тие обезбедуваат еднаквост и еднаков пристап до правда (иако секогаш може подобро). Но системот се луѓето кои работат во институциите. Полицаецот кој ќе прими повик од жена која ја малтретира сопругот. Обвинителот и судијата на чија маса ќе се најде пријава за мобинг, сексуално малтретирање или силување. Таму е неправдата, дискриминацијата, продолженото малтретирање и понижување. Бескрајното малтретирање и понижување…
За среќа, на политичката сцена се појавија и застанаа политичарки и политичари кои ја разбираат родовата еднаквост. И прават крупни чекори, преземаат мерки, говорат со речникот на прогресивниот свет, но тоа ни оддалеку не е доволно.
Ако промената на однесувањето по сите вертикали на системот и општеството не започне денеска, сега, па и под закана со строги санкции, напорите и на луѓето во политиката и на актвивист(к)ите на улица ќе останат само уште едно, безмалку пригодно, удирање на камбани од картон. Кога велам општеството, мислам и на семејствата, соседствата, компаниите, медиумите, училиштата…
Лошо е тоа што на ова нема (гласно) да се спротивстават политичките и граѓанските „конзерви“ кои тврдат дека се прогресивни, а длабоко во себе негуваат нетрпеливост кон сѐ што е прогресивно и кон сѐ што подразбира почитување на човековите права и слободи. И нема да им се допадне ова. Но мојата работа не е естрадната сцена. Не пишувам за да ѝ угодам, туку да ѝ укажам на јавноста.
За популистичките и манипулативни објави на некои фашисти, сепак, нема да коментирам. Не заслужуваат.
Не е 8 Март повод за цвеќиња и подароци за сопругите, колешките, мајките, учителките, ниту за порано излегување од работа за да се седнело в кафеана. Тоа е паметник на борбата. И ако не сум го напишал ова токму на 8 март, не значи ништо, бидејќи можам да го напишам и на 13 декември, бидејќи цело време го мислам и го чувствувам тоа. Бидејќи борбата за родова еднаквост е борба за човековите права и слободи.