Јас, Јилдиз Веапоска ја замолувам Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ да го одложат протесот во сабота. Јас не сакам мојот случај да биде партиски обоен. Јас не сум единствената жртва на д-р Мухамед Асани, напиша таа на Фејсбук.
„Јас барам од сите луѓе, рака за рака да ја бараме правдината без обѕир од која партија се. Доколку сакате да ми помогнете на било каков начин, за сега доволно е да ме поддржите да ја најдам правдината и да ја споделувате петицијата, да ја потпишете. Така најмногу ќе ми помогнете. Однапред Ви благодарам на сите за поддршката“, напиша Веапоска.
Инаку, министерот за здравство д-р Венко Филипче денеска донесе решение за формирање Комисија за вршење на надзор на стручната работа на ЈЗУ ОБ Струга, а во врска со дијагностиката и лекарскиот третман на пациентката Ј.В.
Комисијата која е составена по барање на министерот, има 5 члена, и има задача да изврши надзор над стручната работа на ЈЗУ ОБ Струга, а во врска со дијагностиката и лекарскиот третман на пациентката. За извршениот надзор Комисијата во рок од 8 дена од денот на завршување на надзорот над стручната работа треба да достави извештај до Министерството за здравство.
Министерот Филипче, бара од Комисијата, извештајот задолжително да содржи констатирана состојба, евентуални недостатоци, неправилности или пропусти во вршењето на стручната работа, а особено во однос на спроведувањето на стручните упатства и условите и начинот на укажување на здравствена заштита. Членовите на Комисијата формирана од Филипче, треба да дадат стручно мислење за состојбата во установата и настанатите или можни последици по здравјето на пацинетот и предлог за определување мерки за отстранување на недостатоци или прпопусти и рокови за нивно отстранување.






