Квалитетот на инспекцискиот надзор од страна на општините треба да се подобри, порача денеска директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска.
Со Град Скопје, како што информира денеска на прес-конференција, имаат често заеднички постапувања, на дневна основа прават размена на информации, односно еднаш неделно им испраќаат пријави и добиваат од нив повратно до каде се со предметите. Со останатите општини, потенцираше, имаме ад хок комуницкација што треба да се подобри.
-Направивме список на општини и на сите овластени инспектори со контакти да ја олесниме таа комуникација, има голем број општини каде нема овластен инспектор, во некои општини воопшто нема можност да се реализира надзор и покрај тоа што законот налага во такви случаи општините да склучат договор за меѓуопштинска соработка каде ќе обезбедат инспекциски надзор во соработка со друга општина, рече Петровска.
Тоа, како што додаде, во реалност ретко се случува, а често се случува нив да ги повикаат да постапуваат во општините каде нема овластен инспектор.
-На тој начин ги трошиме нашите ресурси наместо да ги насочиме таму каде се покомплексни состојбите. За соработката со општинските служби имаме законски можости да побараме нивно постапување и доколку не е постапено да постапиме согласно итноста во нивно име. Тука има можности да се реагира и со други инструменти – управната инспекција, инспекцискиот совет да се алармира. Непостапувањето на овластените општински инспектори не е нешто на што не може да се делува. Ние како ДИЖС имаме инструмнети да поттикнеме соработка, но треба да се вклучат и другите институции и да овозможат да се подобри и соработката и надзорот. Во новиот Закон за инспекциски надзор кој сега го работиме овие прашања на постапување на овластени инспектори специфично ќе се обработат со цел да имаме поголеми овласатувања, но и да обезбедиме дека нашите ресурси нема да се трошат залудно, заклучи Петровска.
Во однос на тоа по какви пријави постапува Инспекторатот, Петровска информира дека најголем дел од нив се однесуваат на огнови кои се јавуваат на општински депонии.
-Таму одиме на терен и издаваме решение на надлежното јавно комунално претпријатие да обезбеди минимум технички услови да се спречат пожарите на отворено. На овие депонии најчесто нема ограда, нема чуварска служба, отпад од разни извори, вклучително индустриски отпад. Се јавуваат пожари заради тоа што органската маса се разградува, се покачува температурата и се ослободува метан и притоа метанот е самозапалив, се случува и да се палат одредени видови отпад заради присуство на неформални собирачи. Ситуацијата е комплексна, рече Петровска.
Во моментов имаат отворено постапки со повеќе општини каде што ги обврзале да ги прават тие промени на локациите и во тек, како што информира, се одредени постапки против некои општини.
извор: МИА