Кај речиси три четвртини од граѓаните постои загриженост од моменталната состојба предизвикана од Ковид-19, жените се попесимистични од мажите, а етничките Македонци се позагрижени од етничките Албанци, додека во поглед на потеклото на вирусот, мнозинството испитаници (72 отсто) сметаат дека е намерно или случајно излезен од лабораторија.
Ова меѓу другото го посочуваат резултатите од истражувањето за актуелната состојбата предизвикана од Ковид-19 и поголем број други состојби кои ги предизвика болеста спроведено на барање од МЦМС. Истражувањето е составено од три дела, а во првиот дел се обработени прашањата поврзани со загриженоста за моменталната состојба во однос на Ковид-19, ставовите за потеклото на вирусот, искуствата со болеста и враќањето на секојдневните активности.
Според МЦМС, истражувањето покажа голема загриженост на граѓаните (74,6 отсто). Демографски гледано, етничките Македонци (79,9 проценти) и припадниците на другите заедници (74,2 отсто) се позагрижени од етничките Албанци (59,8 проценти).
Во поглед на регионите, жителите на Пелагонија, се наведува, се најзагрижени (85,5 отсто) за кризната состојба. Мнозинството граѓани се песимисти за последиците од кризата од Ковид-19, односно 63,5 отсто сметаат дека најлошото допрва доаѓа. Жените се попесимистични од мажите. Етничките Македонци со 71,2 процети се попесимистични од етничките Албанци (43 отсто). Најголем број од испитаниците (43,6 прцоенти) сметаат дека кризата од пандемијата воопшто не е под контрола, а само 5 отсто сметаат дека е под контрола. Мнозинство од етничките Македонци (51 отсто) сметаат дека кризата воопшто не е под контрола за разлика од двојно помалиот број етнички Албанци или 25,3 проценти и околу една третина од припадниците на другите заедници (34,8 отсто).
Во поглед на потеклото на вирусот, мнозинството испитаници (72 проценти) сметаат дека е намерно или случајно излезен од лабораторија. Во однос на истражувањето од мај 2020 година, се намалил бројот на оние кои сметаа дека вирусот не постои (од 10,3 на 3,3 проценти).
Големо мнозинство (70,7 отсто) од испитаниците лично познаваат некој кој бил во болница или починал од Ковид-19. Осум од десет етнички Македонци (80,8 проценти) познаваат лично некој кој бил во болница или починал од Ковид-19. Кај другите етнички заедници тој процент е 71,2 отсто, а најнизок е кај етничките Албанци од кои 42,6 проценти одговориле на ова прашањето со „да“. Вкупно 20,1 отсто од испитаниците биле заразени со корона вирусот во изминатава година, односно, секој петти, што е повисока бројка од официјалната статистика на заразени граѓани. Големо мнозинство од 75,1 проценти се загрижени дека тие лично ќе се заразат со корона вирусот. Загриженоста пораснала од претходното истражување во мај 2020 година кога изнесувала 60 отсто. Етничките Македонци се позагрижени (82,5 проценти), од припадниците на другите заедниците (75,9 отсто), а особено од етничките Албанци (54,4 проценти). Мнозинство од граѓаните (66,2 отсто) се загрижени дека може да го шират коронавирусот без да знаат. За разлика околу една третина кои не се загрижени за оваа можност.
Околу една третина од граѓаните (34 проценти) планираат да им се вратат на пред-пандемиските активности по вакцинирањето, откако официјалните лица ќе кажат дека тоа е безбедно. Најголем број граѓани се чувствуваат комфорно при одење во продавница (60,2 отсто). Во сите други активности, мнозинство или големо мнозинство не се чувствуваат комфорни. Особено за посетите на спортски и културни настани во затворено и посетите на забави со многу луѓе каде негативниот одговор го избрале 81,6, односно 80,6 проценти од испитаниците.
Останатите два дела од истражувањето МЦМС најавува дека ќе бидат објавени во текот на наредната неделата. За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект. Податоците се прибирани со телефонска анкета во периодот од 12 до 17 март 2021 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1003 испитаници.
извор: МИА