Неофицијално, Централниот кризен штаб на денешниот состанок предложил целосно затворање на угостителските објекти и полициски час од 20 часот до пет часот наутро.
Од Кризниот штаб предложиле мерките да стапат во сила од утре.
Ваквите одлуги, се како резултат на големите бројки на нови случаи од Ковид-19 и починатите како последица од коронавирусот.
Со порастот на нови позитивни на коронавирусот во изминатите денови, се зголемува и бројот на хоспитализирани луѓе кои имаат потешки симптоми, а многумина се зависни од постојана кислородна поддршка.
Во статистиката за вчера беше наведено дека во целата држава во болница се лекуваат 1739 позитивни и сомнителни на КОВИД-19, но обезбедени се слободни места за нови приеми и има околу 220 кревети.
Битката со КОВИД-19 ја загубија уште 35 пацинети, на возраст од 28 до 88 години, и со нив бројот на починати достигна 3.940 од почетокот на епидемијата. Со вчерашната статистика за нови 734 случаи, вкупниот број потврдени заразени е 134.867 од 641.573 направени тестирања, а оздравени се 109.297.
Активни случаи во земјава има 21.630.
Владата денеска во 13 часот преку видеоврска ќе ја одржи 63-тата редовна седница на која членовите на Владата ќе разговараат за актуелната состојба, текот и прогресот на активностите во врска со спречување, внесување и ширење на коронавирусот КОВИД-19.
За донесените одлуки и заклучоци од седницата јавноста ќе биде информирана на прес-конференција со почеток во 14 часот.
Прес-конференцијата ќе ја одржи претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со министерот за здравство Венко Филипче, заменик-министерот за здравство Илир Хасани и претседателот на Комисијата за заразни болести, прим. д-р Жарко Караџовски.
Ј. Ѓ.