Еколошката свест на македонските граѓани е на многу ниско или на ниско ниво, сметаат сите религиозни заедници во земјава, покажува најновото истражување на Институтот за политички истражувања-Скопје (ИПИС), интернет порталот Религија.мк и Фондацијата Конрад Аденауер.
Генералниот заклучок од истражувањето насловено „Религијата и заштитата на животната средина“ е дека загадувањето е грев, а неодговорноста кон животната средина е непочитување на Бог.
На прашањето дали загадувањето и неодговорниот однос кон природата е грев, 64,5 проценти одговориле потврдно, а 22,2 проценти сметаат дека тоа не може да се дефинира како грев.
Најголем дел од граѓаните се согласни за дополнителни законски мерки на принуда со кои ќе се унапреди заштитата на околината и ќе се зголемат еколошките стандарди. Од вкупниот број испитаници, 58,2 проценти би поддржале порестриктивни мерки, 25 проценти се изјасниле дека донекаде би поддржале вакви мерки, а 6,2 проценти не се согласуваат со поригорозни мерки.
Околу 45 проценти од анкетираните сметаат дека претставниците на верските заедници не зборуваат за екологија и еколошка свест, а 57,1 процент одговориле дека немале искуство со некое свештено лице кое говорело на теми поврзани со екологијата. Сепак, над 70 проценти сметаат дека нивните верски заедници треба да имаат поголема одговорност за еколошката свест во општествата и проактивна улога во однос на заштитата на животната средина.
На прашањето дали би заминале на еколошка акција доколку верската заедница ги повика, потврдно одговориле 64,9 проценти, а негативно 18,9 проценти.
Истражувањето на „ИПИС“, „Религија.мк“ и „КАС“ е спроведено кон крајот на март годинава на репрезентативен примерок од 1100 испитаници со маргинална грешка меѓу +/-3.2 проценти и 95 проценти интервал на веродостојност.
извор: МИА