Имињата на 58 хонорарци кои дополнително биле ангажирани од Владата во декември и на кои им се исплатени хонорари од околу 37 илјади евра за еден месец, ќе бидат достапни за јавноста од понеделник.
„Не ни паѓа на памет во Владата да криеме какви било податоци и можам да кажам дека откако се направени сите консултации и анализи е востановено дека преовладува јавниот интерес и овие имиња можат да се објават. Од понеделник, преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ќе може да се добијат овие имиња, бидејќи се работи за јавни пари и нема потреба да се крие ништо“, потврди портпаролот на Владата, Душко Арсовски, во вечерашната емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат М.