пишува: БИЛЈАНА АРСОВСКА
Сите познаваме некој чие семејство е дисфункционално. Човек треба да живее во херметички затворен свет за да не познава некој таков. Пред да споделам било што, би сакала да ви укажам дека кога зборувам за ‘скршен дом’, не мислам само на она кога некој од родителите починал или родителите се развеле. Дом со сите членови на број не значи дека е комплетен, среќен дом, исто како што дом во кој некој од членовите недостасува не значи дека е некомплетен, тажен дом.
Некаде прочитав дека ‘Она што нѝ се случило, е тоа што нè обликува како личности’. Претерано многу сум среќна што оваа мисла е апсолутно погрешна. Во спротивно, јас, а и многу луѓе околу мене до сега би биле отидени по ѓаволите, скршнати од правиот пат или во најмала рака – тажни и огорчени. Верувам дека она што го правиме и како се справуваме откако нешто нѝ се случило е она што на крајот нè прави да бидеме такви какви што сме.
Луѓето коишто се дел од скршено семејство нема да ги забележите на прв поглед, ниту пак со првиот разговор. Веројатно ниту со вториот, а ни третиот… Тие се насмеани. Тие вешто се камуфлираат меѓу другите луѓе. Тие носат маска на човек кој доаѓа од среќно место.
Потребно е човек да има солиден коефициент на емотивна интелигенција за да умее да препознае ваква личност, а притоа и да знае како да се однесува со неа. Кога да зборува, а кога да остави простор. Овие личности не се така комплицирани. Тие се помирени со минатото и благодарни затоа што го пребродиле најтешкиот период. За нив спомените се како епилептичен напад кој одвреме-навреме како непоканет гостин се појавува и го нарушува спокојот – тивко, без никаква најава, ниту знак. Секој кој доаѓа од скршен дом има различни маневри за справување со овие напади, ама секој – од прв до последен – знае, дека сè што треба да направи е да ја држи главата исправено и никако да не дозволи минатото да го проголта она за коешто толку напорно се борел да го создаде. Знае дека е ова само еден облак кој што за кратко ќе помине. Знае дека после тоа доаѓа сонце.
Верувам дека секој кој што доаѓа од скршено семејство знае за што зборувам, кога зборувам за тој, еден ден или период кој што сакаат да го закопаат што е можно подлабоко во својот арсенал од спомени. Таквите денови, односно периоди ги нарекувам бура – страшна бура која менува сè што дотогаш претставувало секојдневие и константа, од темел го урива нашиот свет и не остава никаква друга опција освен да се исправиме од калта, да се помириме со ситуацијата и да продолжиме напред.
Секој еден кој што поминал низ таква бура јасно знае на што сè е подготвен за да се погрижи да изгради свој свет во кој нема да дозволи никому да му се случи таков емотивен погром. Да бидеш член на скршено семејство, значи дека си махер за насочување на негативните емоции кон остварување на своите цели. Значи и дека за нијанса повеќе умееш да ги цениш ситните, едноставни работи во животот; свесен си за тоа дека материјалните добра не се тие кои не прават среќни. Да бидеш дел од скршен дом значи дека знаеш колку е важно да се комуницира, да бидеш тука за твоите сакани, да бидеш добар во добро, а уште подобар во лошо и да се бориш за тоа што вреди. Да бидеш дел од скршен дом значи дека сè што сакаш е среќен дом.
Да бидеш со човек кој доаѓа од скршено семејство, значи да бидеш со човек кому му е доволно од тага, караници и непреспиени ноќи. Да бидеш со човек кој доаѓа од скршен дом значи да бидеш со човек кој од прва рака дознал каков пустош прави таа бура. А, неа никој не сака два пати да ја доживее.
Да бидеш со човек од скршено семејство значи дека нема туку-така да допреш до раните кои научиле вешто да ги кријат пред светот. Но, еве ги добрите вести: штом ве пуштат во својот свет, не постои сила што ќе направи да се откажат од вас. На таквите им е преку глава од луѓе што си заминуваат. Кога сакаш човек кој доаѓа од скршено семејство, биди спокоен дека си покрај човек кој е лојален и безмерно и дава значење на довербата; тој многу добро знае до што доаѓа кога едното и другото недостасуваат.
Да бидеш со човек кој доаѓа од скршено семејство значи дека си со некој кој со секој атом од своето битие ќе се бори да не се повтори тоа низ коешто поминал. Само оној кој поминал безбројни ноќи посакувајќи нормално, среќно семејство може така силно да се бори за исто такво да создаде. Само тој што почувствувал на своја кожа, може толку длабоко да сочувствува.
Затоа, кога сакаш човек од скршено семејство, сакај го таков – превиткан, оштетен, повреден, а сепак толку оформен, целосен и исполнет. Или, како што вика Пинк, не сме скршени, само превиткани. Можеме да научиме да сакаме пак. (We’re not broken, just bent, and we can learn to love again)
Текстот е личен став на Авторката. Сите права се задржани.