Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, при денешната ненајавена посета на Кабул изјави дека е дојдено време американската војска да се повлече од Авганистан и ги предупреди талибанците дека секој од нивните напади ќе биде возвратен со „многу силен одговор“.
Зборувајќи на телевизиската прес-конференција во Амбасадата на САД во Кабул, Блинкен кажа дека САД никогаш не планирале трајно воено присуство во оваа земја.
-Доколку талибанците нападнат за време на повлекувањето на нашите сили, одговорот ќе биде силен, рече тој, додавајќи дека САД ќе продолжат да ги поддржуваат авганистанските безбедносни сили, кои се борат против исламистичките бунтовници.
Блинкен додаде дека САД ќе ја интензивираат својата дипломатија кон Авганистан и ќе направат се што е во нивна моќ да ги унапредат напорите за обезбедување мировен договор меѓу Кабул и бунтовниците.
-Вашингтон, исто така, ќе продолжи со хуманитарната поддршка на Авганистан, како и со застапувањето за правата на жените и девојчињата, рече државениот секретар.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера соопшти дека американските сили од 1 мај ќе го почнат најавеното повлекување од Авганистан и процесот ќе заврши до 11 септември годинава, по повод 20-годишнината од нападот на кулите близначки во Њујорк.
-Нашите сили, како и силите на сојузниците од НАТО и оперативните партнери ќе го напуштат Авганистан пред да се одбележи 20-годишнината од ужасните напади на 11.09., рече Блинкен.
“Време е да се стави крај на најдолгата американска војна. Време е американските трупи да се вратат дома”, додаде тој.