Вкупните трошоци на Шведска за контрола на пандемијата и создавање услови за „зелено“ закрепнување ќе достигнат „астрономски“ 50 милијарди долари, соопшти денеска Владата претставувајќи го новиот буџет.
– Тоа е астрономска сума, но можеме да ја издвоиме затоа што штедевме во добри времиња, рече министерката за финансии Магдалена Андерсон.
– Тоа е буџет што ќе и овозможи на Шведска да продолжи со заздравување од кризата, изјави Андресон пред новинарите.
За мерките за пандемијата и поддршката за закрепнувањето, во новиот буџет се предвидени 45 милијарди шведски круни (5,3 милијарди долари).
Со тоа вкупната државна потрошувачка во корона-кризата сега се проценува на околу 420 милијарди шведски круни (50 милијарди долари), соопшти Владата во Стокхолм.
Шведска не воведе строг карантин, како што тоа го правеа другите европски земји од време на време, па влијанието на пандемијата врз економијата беше малку поблаго и се манифестираше во пад на активноста за умерени 2,8 проценти во пандемиската 2020 година.
извор: МИА