До утрешната одлука на Владата, сега за сега, рестриктивните мерки на нивото на кое веќе се во изминатите две недели, продолжуваат. Полицискиот час и целосната забрана за движење на населението останува од 20 часот до 5 часот изутрина, а угостителите продолжуваат да работат само на принцип на онлајн и телефонски нарачки за храна и „кафе за носење“.
Комисијата за заразни болести денес се состана и одлучи да и предложи на Владата да се задржат постојните мерки за превенција и заштита од ковид-19, минимум уште една седмица. Се очекува на утрешната владина седница, дадената препорака и формално да се потврди.
Претстојниот викенд кој е и последен во месец април ќе дочекаме во продолжено карантинско расположение, но граѓаните се прашуваат што ги чека за викендот потоа, односно за викендот во кој се спојуваат православниот Велигден и Денот на трудот – 1 Мај.
Вестите кои доаѓаат од надлежната комисија навестуваат промена, па покрај подобрувањето на временската прогноза кое очигледно ни следи, најверојатно и велигденско-првомајскиот четиридневен викенд, покрај со сончевото време, ќе го дочекаме и за нијанса подобро од Велигден 2020 во поглед на рестрикциите.
Најавено е поместување на полицискиот час за 60 минути, односно негово започнување од 21 часот од вторник или среда следната недела. Во однос на работата на угостителските локали, за кои се потврди дека претставуваат неизбежен дел од животот на македонските граѓани, се најавува нивно делумно отворање, односно ќе може да започнат со работа само нивните летни тераси и градини. Ваква мерка, моментално, е на сила во соседна Србија, така што истата не е непозната.
Во насока на успешна комбинација на можното идно релаксирање на рестрикциите, а истовремено и задржување на опаѓачкиот тренд на притисок врз здравствените установи, денеска ресорниот министер Филипче одржа средба и со челниците на Македонската православна црква и Исламската верска заедница. МПЦ и ИВЗ како претставници на двете најбројни верски групи, несомнено треба да ја одиграат својата улога во пресрет на претстојните големи празници за верниците – Велигден и Рамазан Бајрам. Нивниот придонес преку ограничување на верските церемонии и упатување апел до верниците и оваа година она духовното да преовлада пред физичкото, може да доведе до понатамошно олеснување на ситуацијата и каква-таква нормала пред летните одмори.
Оттаму, иако вирусот се покажа како особено непредвидлив, во домен на разумното очекување е подобрување на ситуацијата и оправдана е надежта за подобри денови. Граѓаните и државата се во очекување и на нов дотур на вакцини, со што колективната имунизација би продолжила, а преку почитувањето на мерките и ублажените рестрикции, повесели денови навистина може да ни се на дофат и повидок.
Иван Дургутов