Сите учениците коишто се во дуално образование, коишто ги исполнуваат условите и оние коишто се во тригодишно стручно образование, околу 2000 ученици ќе добијат стипендија во висина од 3.500 денари месечно, уште од прва година, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во гостувањето во „Економски магазин“ на Алсат телевизија.
Министерката најави дека од есен ќе стартуваат 97 дуални паралелки.
„ Ако продолжиме со оваа тенденција на планирање и насочување на средното стручно образование, некои струки сами ќе се исфилтрираат. Нема да дозволиме некоја струка да згасне, бидејќи сите се потребни за општество. Но, треба да се модернизраат и да бидат пласирани до реалниот сектор како атрактивни, за да можеме да врземе дуални паралелки“, рече министерската Царовска.
“Има стипендирање и за другите струки кои што не се дуални, а сепак се потребни, како машинска, електротехничка, и таму се предвидени 200 стипендии од 2.200 денари за ученици, за да можеме и нив да ги мотивираме, да изберат средно стручно образование” посочи Царовска.
Министерката ги повика сите деветтоодделенци, согласно нивните афинитети и можности да го изберат образованието, а при изборот е важно да ја следат тенденцијата на пазарот од една страна, а од друга страна и можностите за вработување и нивно афирмирање во нашата држава.
Моделот на соработка на образованието, локалните самоуправи и реалниот сектор треба и натаму да се развива.
„Во наредните четири-пет години треба да стигнеме до еден современ модел на средно стручно образование. Ние сме во процес на воспоставување на регионални центри за средно стручно образование. Тие центри треба да овозможат верификација на стекнатото неформално образование и формалното средно образование и полека да го организираме системот да може да ги остручи учениците и пласира на пазарот на труд, ако сакаме да се развиваме. Без човечки потенцијал државата неможе да има развој“, потенцираше Царовска.







