пишува: САШО ОРДАНОСКИ / ЦИВИЛ МЕДИА
Какво освежување беше вчерашниот 27-априлски протест на опозицијата за сите оние кои, потонати во пандемиската депресија и контроверзиите од владеењето на СДСМ и нејзината коалиција на власт, подзаборавија за што, всушност, станува збор во Македонија кога разговараме за современата домашна политика! Навистина уживав, и емотивно и интелектуално, во аудио-визуелното потсетување за СИТЕ добри причини зошто падна власта на Груевски и зошто би било добро заговорниците на таа власт да се „одморат“ барем уште еден-два мандати таму каде што се наоѓаат сега: во опозиција, подалеку од можноста да одлучуваат за иднината на земјава.
Тоа е истата агресивна, нетолерантна, ревизионистичка, анахрона, опасна, недемократска политичка реторика и отровна партиска енергија што беше главното погонско „гориво“ во обидот за насилно, токму терористичко, рушење на легалната и легитимно избрана влада во 2017 година. Тие не мрднале ни една јота, ниту со паметот ниту со идеологијата, од времето на губењето на власта во врска со тоа каде сакаат да биде државата денес: меѓународно изолирана, демократски згазена, заробена во своето минато, со многу национализам и уплашено граѓанство, со правен систем диригиран од Белата палата и од поапсената или разбегана врхушка на власт.
Па, „прославениов“ Стојко, во нивно време, веќе одамна ќе беше во Идризово – веројатно заради погрешно паркирање – а феноменот „Рашковски“, фантомот од сегашната „опера“ на СДСМ, удобно ќе седеше по партиските и државните состаноци, илустрирајќи им ја на сите немоќта на правната држава да се справи со алчноста на луѓето од власта. Денешното јавно, а и заслужено „черечење“, по сите можни земни и надземни медиуми во државава, на содржината на владеењето на власта на Заев – од учебници, до ДУП-овници – е најдобар доказ за тоа дека падот на овие што денеска протестираат (патем, без страв дека влакно ќе им фали од главата) не само што имаше смисла, туку беше неопходност за опстанокот на нацијата.
Фала на прашање, за тоа се боревме (против нив)! Да може г. Стојко да не се плаши за својата безбедност, а ако ја загуби функцијата (што правно делува логично), тогаш товарот на политичките последици да паднат врз г. Заев; да може ДКСК да не калкулира кого прозива и за кого поведува правни иницијативи; да може Обвинителството (да почне да се навикнува) да функционира без претходно вртење „партиски“ телефони; да може локалната власт да се плаши за својот опстанок заради тоа кому и како му издава дозволи за градење; да може лидерството на опозицијата да има пристап до секој медиумски микрофон во државава, за точно да знаеме какви им се намерите; да може и најблизок соработник на премиерот да заврши во притвор, за – без да се плаши од местенки – да му ја провериме презумпцијата на невиност; да може и последниот келнер или туристички водич, а за синдикалците муабет да не правиме, да бара оставка од надлежниот министер, за да си ги заштитат интересите; да може премиерот да биде „пеглан“ сто пати неделно, без нарачани прашања и селектирање новинари, за сè и сешто што некому тој ден му се видело важно… Да може следните избори да излеземе на гласање и без страв да ги избереме оние што во наше име ќе владеат со нас.
Е, па, ништо од тоа десетина години не можевме, а ликовите и пораките од вчерашниот протест на опозицијата толку моќно нè потсетија на тоа. Искрена благодарност!
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.