пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Шекеринска е разумна повеќе отколку што тоа го бараат околностите. Тоа е нејзината најголема маана. Нејзината песна секогаш завршува во тонот на нормалноста. Во идејата да се нормализираат ненормалностите.
Дури и кога ги води најжестоките кавги. Мислам дека таа нејзина интенција не беше без позитиви на страната на општото добро, Европа, НАТО, мирот, стабилноста, безбедноста, но имаше и има многу минуси. Особено во губењето на ориентирите во општествената вредносна диференцијација. И во анестезијата на страста да се бориме со лудоста. Идејата да не се исподелиме и испокараме, се разбира, е благородна, но знае да биде и погубна кога другата страна тоа ќе го разбере како шанса. Во високите ешалони на Европската комисија, Радмила би била прв пик во драфтот за проширувањето или за надворешната политика. Добар квотербек. Роџерс повеќе отколку Брејди.
Добро е тоа што го ослободува врвот на СДСМ од своето присуство, бидејки потенцијалите на тоа присуство се исцрпени. Но, не е добро ако тоа повлекување значи дека е избуткана од масата на која се решава. Заев ќе добие поголем простор за своите политики, но без Шекеринска тоа не мора нужно да биде добро за него и за Македонија. Едно време ми пречеше нејзината здраворазумност, па ја бев прогласил за политичарка која времето ја гази, но денеска не мислам така. Не знам какви и се плановите, но, Радмила е личност која заслужува највисок респект.