Поранешниот потпретседател на СДСМ Зоран Јовановски, остави коментар под колумната објавена на фесјбук-профилот од Сашо Орданоски со наслов „Заев го помина својот Рубикон“, објавена во „Цивил Медиа“.
„Второстепено е тоа што го пишуваш. Заев ја изгуби една од најважните битки за општеството – битката за меритократија!“, коментира Јовановски.
Орданоски му реплицира:
„Драг Зоране, ретко интервенирам во реакциите под моите колумни, но мислам дека е твојава важна… Имено, би требало да знаеш дека концептот за „меритократија“ е под силни критики во современите либерални, мултикултурни општества (теориската расправа за тоа е обемна) бидејќи многу поразвиени демократски општества сфатија дека со таа „битка“, всушност, се „цементираат“ социјалните и класните разлики во општествата под превезот на еден, навидум, фер пристап – со други зборови, оној што е роден во „погрешна“ етничка група или во посиромашни услови никогаш нема да ги достигне меритократските стандарди во, на пример, образованието на оние кои стартуваат од подобри позиции во општеството. Е, тоа е ПРВОСТЕПЕНО во нашава расправа, затоа е замислен „рамковниот“ проект за вработување (друго прашање е дали добро се спроведува и дали ова го разбираат дури и оние кои го спроведуваат, а г. Стојко Пауновски сигурно не). Да упростам, твоите и моите деца имаат многу подобри стартни „меритократски“ позиции во животот од децата на некој посиромашен Македонец, Ром или – имено – Албанец роден во Струга кој некако стигнал да заврши некакво високо образование на универзитетот на Мерко! (Друго е прашањето зошто и како продолжува да постои тој универзитет.) Според тоа, модерните „битки“ се многу прогресивно поместени, со низа корективни фактори за принципот на меритократијата, од ова што ти го мислиш (и овие десетина што ти удриле лајкови под коментарот). Поздрав и убави празници!“, наведува во репликата Сашо Орданоски