Чест ми е што денеска, по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, ја промовираме веб-платформата www.makedonski.gov.mk – дигитална верзија на Толковниот речник на македонскиот јазик, истакна премиерот Заев по повод промоцијата на веб страницата на фицијалниот дигитален речник на македонски јазик.
Заев нагласи дека дигиталниот Толковен речник, со преку 100.000 зборови, им стои на располагање на сите што сакаат да го користат македонскиот јазик, граѓаните на Северна Македонија, нашите сонародници од севкупната македонска дијаспора и останатите заинтересирани поединци, научници и деловни луѓе во целиот свет.
„Веб-платформата е во сопственост на граѓаните и ќе се надоградува од граѓаните, академската и научната заедница, и понатаму останува под стручен надзор и развој на Институтот за македонски јазик, а Владата е тука за да го модерира техничкиот дел на процесот и да го одржува системот.
Тоа значи дека платформата понатаму ќе се развива заедно со сите научни работници, лектори, македонисти и други научници кои низ својата интердисциплинарна работа опфаќаат лингвистика, и кои ќе можат редовно да го ажурираат речникот, да го дополнуваат и менуваат, за истиот да расте и да се развива.“, потенцира премиерот Заев.