Министерот за здравство Венко Филипче денеска на вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје се вакцинираше против Ковид-19 со вакцина од кинескиот производител „Синофарм“. Денеска ја примив вакцината на „Синофарм“. Буквално сите вакцини се безбедни за употреба. Апелирам сите да се свесни дека вакцините се сигурни, безбедни, вели министерот.
Во Вила Водно започна средбата помеѓу претседателот, Стево Пендаровски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според најавите од партијата, на средбата ќе се разговара за осудените во случајот „27 април“ и за актуелната политичко-економска состојба. Претседателот Пендаровски по најавата за денешната средба само кусо коментира дека е добро што по девет месеци некомуницирање, се воспоставила комуникација со институцијата претседател на Република Северна Македонија.
Премиерот Зоран Заев го поздрави дијалогот на претседетлот Стево Пендаровски со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но, вели, не очекува ништо од денешната средба по однос на прашањето за настаните од 27 април во Собранието.
Во Европската Унија не се подготвува раздвојување на Северна Македонија и Албанија, кои очекуваат прва меѓувладина конференција и почеток на преговори, доколку Скопје и Софија не најдат заедничко решение, велат високи функционери на Европската Комисија, кои ги цитираат порталот Политико и дописникот на „Волстрит журнал“, јави Дојче веле.
Портпаролката на Европската Комисија за проширување, Ана Писонеро, нагласи дека Комисијата стои на ставот дека двете земји се подготвени да започнат преговори, но дека одлуката ја носи Советот и дека тоа е една од опциите во теорија.
Грција би требало да ја отвори границата на 14 мај и да дозволи влез за граѓаните на Република Северна Македонија со негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или со потврда за вакцинација против Ковд 19, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и „Семос Едукација“ почнуваат проект со кој околу 1000 млади луѓе од државава ќе имаат можност преку бесплатни обуки да научат како да ја применуваат вештачката интелегација во секојдневното живеење и работење.
М. Миткоска