Српските туристи ова лето ќе уживаат дополнителни привилегии во Охрид. Покрај ослободувањето од патарините, предвидени се бесплатни паркинзи и влезници за музеите во Охрид. Хотелиерите на Србите веќе им нудат екстра попусти за летување на брегот на Охридското езеро.
Отпочнати се и преговори за повторно воспоставување на авио линијата Белград – Охрид. Исходот ќе се знае на почетокот на јуни.
„Разговарав со градоначалникот на Охрид, иницијативата е прифатена. Веќе и Хотам дава попусти за српските туристи како една голема благодарсност за сè она што го направи соседна Србија со вакцинацијата. Се надеваме за брзо време од страна од општината да има ослободување на паркинг услуги за српските туристи, а потоа и бесплатни билети за музеите. Очекуваме оваа година да имаме многу повеќе српски туристи“, вели директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски.
За привлекување на домашни и странски туристи, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот започна снимање на промотвно видео „Safe like home“. Кампањата содржи пет промотивни видеа, кои ќе таргетираат повеќе земји од соседството. Целта е да се докаже дека Македонија е сигурна дестинација за лето 2021 година.
Дел од спотовите се снимани на брегот на Охридското езеро.
„Македонија е една од најслободните земји кога е патувањето во прашање, но странските туристи сега имаат друг проблем кога ќе отидат во своите земји. Имаат одредени карантини од 7 до 14 дена. Затоа, започнавме дополнителната дипломатска офанзива, ја имаме во месец мај и ќе продолжиме понатаму. Имав средба со амбасадорите и објаснивме дека Македонија е безбедна дестинација и секако фокусот ќе биде и на традиционалните наши пазари“, дополнува Јаневски.
Ова лето во Охрид, покрај домашните гости, се очекуваат и туристи од Холандија, Полска, Украина, но и кружни тури, каде главниот туристички центар ќе биде попатна станица. Од Агенцијата за туризам очечкуваат 2021 година да биде подобра од лани. Прогнозираат над 2 милиони ноќевања и 300 милиони долари приход во туристичкото стопанство.
Соња Рилковска