Би сакала некој од родителите, кои мошне посветено ја омаловажуваат фелата, лепат етикети и користат мошне зачудувачки наратив кога сакаат наставниците да ги посочат како неработници, да влезе во нашите чевли само еден ден.
Да речеме, сега, на крајот на годината.
Само да поседи во нив, ништо повеќе.
Да види што е згрбен учител кој чита и препрочитува со часови, а ниту му се виѓа веќе, ниту може да седи веќе. Да види што е ученичко досие. Да види листи за оценување со разработени критериуми. Да вреднува тест, наставен лист, студија на случај, симулација. Да анализира усно искажување – колку е фактографски осврт, а колку е начин на разбирање и личен став, произлезен од размислување за она што се учи. Да види како му е приоѓано на секое дете, со прецизно евидентирање на секое искажување, во било која форма. Како е водена евиденција на отсуства. Колку пати е излезено во пресрет на секое дете, за да му се даде простор да се искаже. Колку труд и напор има вложено во секое дете. Колку љубов. Колку е тешко да го извлече детето од апатија, рамнодушие и немање мотив и причина за повеќе.
Кој знае, можеби барем малку ќе му биде тесно, онака од срам. Оти ќе го болат нозете од нашите чевли, мачни учителски. Можеби тоа ќе му го пренесе и на детето, тогаш кога ќе му го покажува патот кој и од нас и од него зависи.
Фејсбук објава од професор Елизабета Секирарска