пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
На денешен ден, 17 мај 2015 година, Никола Груевски беше координатор на државната безбедност, човек што беше одговорен за експлозијата од насилство во нашиот секојдневен живот. Во тоа време, државната безбедност ги држеше сите медиуми, не дозволуваше дебати, различно мислење, не дозволуваше јавен збор контра државната политика и сета меѓучовечка клима беше прашање на живот и смрт.
И после сè, на денешен ден, 17 мај 2015 година му се дигнавме на нозе за да им кажеме, готово е – поразени сте!
Денес, шест години подоцна, груевизмот е ослабен, но сè уште е тука. Го гледаме преку нивните еуфорични портали и медиуми. Го гледаме на Фејсбук, удира, ‘ржи, вреска и клевети. Ја бара својата мртва шанса, ја бара својата ужасна природа од насилство и линч.
Нè удираа, нè тужеа, нè гонеа, a ние треперевме и се боревме – одлучни – за својот живот. Нè потценија сите оние кои не нападнаа, затоа што никогаш не успеаја да разберат, а ниту денес разбираат. Газеа кордоните на Груевски како што газеа сè околу нас, ги газеа нашите вредности. Газеа живи и конкретни луѓе. Не се повлекувавме и не правевме компромиси. За да живееме моравме да го преживееме сето она кое нè уништуваше.
И затоа реакциите тогаш беа такви, а и денес реакциите се слични, само со помал интензитет, затоа што се поразени.
Ние со нив сме два света и затоа не можевме да ги прифатиме правилата на криминалците и битангите. Се разбира, денес немам сомнеж, тие луѓе беа криминалци, талог на ова општество, морални накази, рекетари, тие се закануваа на судии, обвинители, тие беа луѓе за кои законот не постоеше, оти тие беа законот.
Отсекогаш беа насилни, затоа што насилството беше нивното политичко сретство кое го користеа по потреба.
Поделбите на патриоти и предавници беше чиста конструкција. Тоа беше наметната тема од медиумите. Ако се вратиме во историјата, ќе видиме дека најдобрите луѓе ги жигосуваат како предавници.
Како може да бидеш предавник ако на твојот народ сакаш да му ја кажеш вистината?
Како може да бидеш предавник ако сакаш да живееш во мир со своите соседи?
Како може да бидеш предавник ако го решиш најгорливиот проблем стар 30 години?
Каков си ти патриот ако ја мразиш и пљачкаш својата земја во милијарди евра?
Каков си ти патриот ако немаш пријатели и сојузници?
Каков си ти патриот, откако ќе ја опљачкаш, поделиш и осиромашиш својата земја, ќе избегаш бедно и кукавички во гепек од автомобил за Будимпешта?
Се сеќаваме и нема да заборавиме. Никогаш повеќе груевизам!
Текстот е личен став на авторот. Сите права се задржани.