Бугарскиот политички врв е отворен за дијалог со Северна Македонија и истакнува дека европската перспектива на Западен Балкан се неспорен приоритет на Бугарија, но бараат гаранции дека ќе се исполнува договорот за добрососедство и начинот на кој тоа ќе се постигне. Привремениот бугарски премиер Јанев, како што рече, ја поддржува европската иднина на Република Северна Македонија и Албанија во пакет.
За време на средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва, ставовите на официјална Софија: претседател Румен Радев, министерот за надворешни работи Светлан Стоев и привремениот премиер Стефан Јанев, се во иста насока.
Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека проширувањето на ЕУ треба да е засновано на реални резултати од добрососедските односи.
Радев вели дека за Бугарија европската перспектива на Западен Балкан и проширувањето на ЕУ се неспорен приоритет, додавајќи дека за постигнување на ефикасни резултати за земјите-кандидати за членство во ЕУ, најважен е директен и отворен дијалог.
-Затоа ние сакаме да видиме не само декларации, туку јасни гаранции за нашата национална безбдност и нашите национални интереси, рече Радев.
На средбата присуствуваше и бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев. Радев го истакнал значајниот напредок во европската агенда, постигнат за време на португалското претседателство со Советот на ЕУ, и ги нагласи напорите на европските институции за уште потесното присоединување на Западен Балкан кон обединета Европа.
-Бугарија е одговорна членка на ЕУ и ќе продолжи да ги помага кандидатите за членство во Унијата да ги исполнат критериумите од Копенхаген и да ги утврдат принципите на добрососедство и почитувањето на човековите права, кои се во средиштето на европската соработка, рекол Радев за време на разговорите со Силва и Вархеји.
Привремениот премиер на Бугарија Стефан Јанев во интервју за емисијата „Панорама“ на Бугарската национална телевизија, го коментираше прашањето со позицијата на Софија кон Северна Македонија.
Јанев повтори дека бугарската позиција е оформена со декларација на Парламентот и останува непроменета, но оти се подготвени за дијалог за изнаоѓање решение за проблемот.
– Ние сме подготвени за неформални разговори и да започнеме практична работа на теми што можат да станат дел од патоказот за излез од ситуацијата, бидејќи Бугарија ја поддржува европската иднина на Република Северна Македонија и Албанија во пакет, истакна Јанев.
Ј. Ѓ.