Бројот на позитивни лица на коронавирусот во земјата продолжува да се намалува, а се забележува пораст на интересот за вакцинација против вирусот. Министерот за здравство Венко Филипче информира дека досега преку веб платформата vakcinacija.mk пријавени се 395.776 граѓани.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 7 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 127 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град, известуваат од Министерството за здравство.
Еден ден по изнесувањето на португалскиот предлог за одблокирање на процесот на натамошна интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, во Скопје со поддршка на нашиот пат кон ЕУ, но и на предлог решенијата пристигнаа министрите за надворешни работи на Австрија, Словенија и Чешка.
Честитки за Националниот ден на Власите од Пендаровски, Џафери и Заев:
Претседателот Стево Пендаровски, по повод 23 Mај, Националниот ден на Власите, упати честитка до сите припадници на влашката заедница во Република Северна Македонија.
Џафери за Националниот ден на Власите: Почит и благодарност за придонесот кој како заедница го давате во нашето заедничко општество.
Заев го честита Нациналниот ден на Власите: Влашката заедница секогаш била силен и темелен елемент во сите етапи на македонската државност.
Мировни операции во патроли со возила и пеш, обезбедување на база, ескорт на конвои, но и проигрување на голем број инциденти како наидување на раселени лица, напад на конвои и патроли и реализација на голем број на боеви гаѓања се темите на увежбување во првата недела од воена вежба „Одлучен удар 21“ која се одржува на Армискиот полигон криволак од 17 мај до 2 јуни 2021 година.
Рекордни 650 кубни метри кабаст отпад собрани при акцијата на ЈП Комунална хигиена-Скопје. Во рамките на акцијата за собирање кабаст отпад што, во периодот од 18 до 22 мај, ЈП Комунална хигиена-Скопје ја спроведе во сите скопски општини, граѓаните исфрлиле вкупно 650 кубни метри отпад, составен главно од стар мебел и неупотребливи електронски и електрични уреди.
Кумановци реагираат дека дел од угостителите и правните субјекти ги узурпираат тротоарите поставувајќи, маси, столови или друг вид опрема и го оневозможуваат нормалното движење на пешаците, посебно на лицата со попреченост и на родители со колички. И покрај ваквите реакции, до општината не е стигната ниту една поплака по писмен пат, соопштија денеска надлежните од секторот за инспекциски надзор.
Жител на селото Џир, кај албанскиот град Либражд обвинува дека веќе четири месеци го чуваат во заложништво во селото Топлица, гостиварско.
Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, сè уште нема донесено одлука за својата иднина. Сега не можам ништо да кажам. Би сакал да се сретнам со управата на клубот во наредните денови. Тогаш ќе видиме што ќе се случи, изјави Зидан за „Марка“.
Ј. Ѓ.









