пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ / ЦИВИЛ МЕДИА
Иако е рано за стартување на политички кампањи за локалните избори, сепак, веќе може да се забележи дека (не)официјално започнаа изборните активности. Веќе дел од политичарите почнаа да остваруваат средби со граѓаните, но, она што е извесно е дека главната битка за глас на претстојните локални избори повеќе ќе се води на социјалните мрежи.
На изминатите избори во преден план беше црната кампања, говорот на омраза, лажните вести и дезинформациите. Според развојот на настаните, и на овие избори не се очекува да биде нешто поразлично, напротив, кампањите (веројатно) ќе се водат со исто, па дури и засилено темпо. Одредени „левичарски“ и „десничарски“ структури/здруженија/политичари/симпатизери… постојано се обидуваат преку лаги и дезинформации да дискредитираат граѓански организации, активисти, интелектуалци… кои не им се по ќеф, односно кои ги демаскираат и им ги разобличуваат нивните црни пропаганди.
Често нивните потези за дискредитација на одредена јавна личност, активист/ка, невладина…, се аматерски и се невешто осмислени, па сакајќи некого да дискредитираат, тие всушност самите си „пукаат во колено“ и излегуваат смешни пред граѓан(к)ите, односно пред нивните симпатизери.
Во недостаток од идеи, програми, планови со кои ќе се претстават на претстојните избори, за да би ги придобиле гласовите на граѓан(к)ите, најлесно, на одредени политички структури, им е да промовираат национализам и поделби на сите нивоа…
Црната пропаганда, лажните вести, дезинформациите, говорот на омраза… на одредени „левичари“ и „десничари“ им е најсилното оружје, но, повеќе тоа не поминува кај граѓанките кои се проевропски настроени, кои ги почитуваат европските вредности, недискриминацијата и еднаквоста.
Едноставно, помина ерата на „раздели, па владеј“!
Текстот е личен став на авторот