Бројот на активни случаи со Ковид-19 во државава, според последните податоци на Министерството за здравство, вчера се намали на 670, а беа регистрирани само 10 новозаразени од направени 2.825 тестирања. Здравствените власти истакнуваат дека вакцинацијата дава резултати и апелираат да се почитуваат мерките за заштита. Во зависност од бројот на нови случаи, Комисијата за заразни болести ќе носи нови одлуки за олабавување на рестриктивните мерки.
-Првпат по подолго време бројот на активни случаи на Ковид-19 опадна под илјада. Вакцинацијата и почитувањето на мерките ги донесоа очекуваните резултати, вели министерот за здравство Венко Филипче со апел да се продолжи да се почитуваат мерките и оние граѓани кои сѐ уште не се пријавиле за вакцинација, да го сторат тоа што поскоро.
-Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и до вчера изутрина до 8 часот имало 90 слободни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка, нагласија вчера од Министерството за здравство.
Mинистерот Филипче вчера најави дека Турција ќе ни донира 30.000 вакцини од производителот „Синовак“, а како што информираше претходно во текот на неделава треба да пристигнат уште 500.000 вакцини од овој производител.
Како што јави, пак, дописникот на МИА од Белград, во Врање е можна вакцинација за граѓаните на Северна Македонија без претходно закажување. Сè што треба да сторат е да донесат важечка лична карта – пасош или лична карта, јави РТС.






