На симболичен начин пред еколошкото дрво во центарот на Тетово кое е целосно исушено, од Алијансата за Албанците ги истакнаа главните еколошки проблеми во градот. Од партија велат дека поради 8 годишното владeење на ДУИ со Тетово, градот се врати во средновековието и наместо да се зборува за развој, сѐ уште се зборува за основна хигиена и чиста вода за пиење.
„Денес во Тетово не се зборува за не изградба на театар, библиотека, градинка и слично, не се зборува за развој. Денес во Тетово се зборува за чист воздух, вода за пиење, преживување и јавна хигиена. Тетово во текот на овие 8 години има средновековни проблеми, град со диви депонии, проблеми со основна инфраструктура и најскандалозно, нема вода за пиење. Но има поплави што им ги одземаат животите на луѓето, секој апел до надлежните односно до општината и владата беше залуден. Ќе го кренеме гласот со протести и активизам, да се ослободиме од овие кои ни го ускратија правото на живот. Тетовци не го заслужуваат ова, сега е време да се ослободиме од тие кои го зголемија бројот на деца заболени од рак“, рече Абдула Османи од Алијанса за Албанците.
Опозиционата коалиција Алијанса за Албанците и Алтарнатива, зачестија со прес конференции на тема екологија, откако ДУИ се прокламираше како зелена партија.
Оттаму еколошкото дрво го посочија како пример за негрижата на ДУИ за животната средина.
Еколошкото дрво поставено во центарот на Тетово во форма на билборд целосно се исуши, а не издржа ниту 6 месеци откако во 2017 година беше донирано од Германија и приватни домашни фирми. Дрвото требаше да ги апсорбира штетните ПМ 10 честички од воздухот, преку мов засадена во садниците.
Дрвото според еколошките организации, пак, не издржа поради негрижата на Јавното комунално претпријатие Тетово кое требаше само да го наводнува. Но, истото, исто така, беше на мета и на несовесни граѓани кои ги искорнаа и дел од садниците, при што беше демолирана и конструкцијата на еколошкиот билборд.
Еко дрвото е во вредност од 25.000 евра и има ефект како 275 засадени дрвја, а може да го компензира загадувањето од 417 автомобили.
Градското дрво е вертикална конструкција направена од мов, високо е 4 метри, широко 3 метри и со длабочина од 60 сантиметри.
Овие зелени билборди се веќе поставени во поголемите градови низ светот како што Берлин, Дрезден, Париз, Осло, Хонг Конг. Но, во Тетово поради несовесност и негрижата на институциите не издржуваа ниту една година, иако градот под Шара е меѓу најзагадените во светот.
Зоран Димовски