Имињата на компаниите кај кои ќе се утврдат неправилности при увозот на мазут ќе бидат јавно објавени откако ќе завршат сите процедури. Утре или најдоцна до среда ќе бидат објавени и наодите од анализите што ги прават надлежните институции, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Не криеме ништо, ќе објавиме се на транспарентен начин имајќи предвид дека утре одминува рокот за сите институции да ги достават информациите, истакна Бектеши.
Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро ја осудува скандалозната изјава на градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, со која се заканува и најавува депортација на луѓето кои питачат на подрачјето на општината, се нагласува во денешното соопштение од Хелсиншкиот комитет. Како што извести Фронтлајн, градоначалникот на Струга одлучил да го решава проблемот со големиот број питачи во градот со „депортирање“ на сите питачи од другите градови. Ваквите закани и намери на градоначалникот Мерко се отворено дискриминаторски и противзаконски, реагираат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Веќе се реализираат сите мерки од шестиот пакет, угостителите може да аплицираат согласно критериумите кои заедно сме ги направиле со одредени комори, рече министерот за економија Крешник Бектеши. Бектеши информира дека веќе има ново законско решение во делот на заштита на потрошувачите кое очекува во наредниот месец да го достават до Владата и до Собранието.
Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 на Владата ја става енергетиката, односно одржливата енергија во преден план. Со предвидените фотонапонски и ветерни електрани и затворањето на јаглените централи, Северна Македонија ќе продолжи да биде лидер во искористеноста на обновливите извори на енергија и една од првите земји во Европа што ги затвора јаглените електрани, вели Премиерот Заев.
Бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев во однос на европската интеграција на Северна Македонија, изјави дека позицијата на Бугарија е јасна, доследна и предвидлива и таа не е променета. Тој истакна дека техничката Влада на Бугарија се раководи од Рамковната позиција и Декларацијата на Народното собрание од октомври 2019 година и оти 85 отсто од граѓаните ја поддржуваат таа позиција.
М. Миткоска