После речиси 30 годишен пост, за првпат од осамостојувањето како држава, македонската репрезентација во фудбал се квалификува и ќе учествува на голем континентален собир. Европското првенство 2020, кое требаше да се одржи лани, но ќе се одржи годинава откако беше одложено поради пандемијата, освен што го задржа знакот за ланската година, го задржа и интересот кој го пробуди помеѓу фановите и поддржувачите на најважната споредна работа на светот – фудбалот.
Македонскиот екипен спорт, полека, но сигурно станува поприсутен на меѓународните собири. Во таа насока се гордееме и со фудбалската репрезентација, која денес замина за Романија, каде во недела го игра својот прв натпревар против репрезентацијата на Австрија. Понатаму, на селекцијата и следат уште минимум два натпревари – уште еден во Букурешт и на крајот во Амстердам.
Атмосферата која успеа да ни ја овозможи ова историско постигнување на нашите фудбалери, а особено имајќи го предвид составот на екипата – мултиетнички, мулти-култи, со играчи кои играат во домашните и странските првенства е навистина пријатна. Овој состав упатува убава порака која треба да ја следиме и на останатите нивоа од нашето живеење и работење. Токму заедништвото е тоа кое ни е потребно и токму ваквите примери треба да стануваат побројни и позастапени.
На македонските фудбалери им посакуваме многу среќа и многу голови, а ние ветуваме дека средината на месец јуни ќе ја обележиме со заедничко навивање и славење. Напред наши, бериќетно нека е!
Иван Дургутов