На денешниот брифинг со новинарите, првиот голман на македонската фудбалска репрезентација, Столе Димитриевски ги сподели своите очекувања пред почетокот на Европското првенство и дуелот со Австрија.
– Не чувствуваме притисок, напротив. Се обидуваме да гледаме позитивно на првиот меч и тоа да ни биде дополнителна мотивација за натпреварот со Австрија, противник кој го знаеме многу добро. Австрија има исклучително квалитетен состав и веројатно очекувањата се најголеми од Алаба и Арнаутовиќ. Нашата одбрана и голманот мора да биде на високо ниво, тоа го работиме на тренинзите и се надевам дека ќе го исполниме на натпреварот. Сонот со пласманот на Европското првенство го исполнивме, но не мислиме да застанеме овде. Нашата цел е пласман во следната фаза, а првиот чекор за тоа е добар резултат против Австрија. Добро ги анализиравме, ова е сосема поинаков меч од нашите два претходно и се надевам дека ќе бидеме на високо ниво.
Голманот на македонската фудбалска репрезентација Дамјан Шишковски очекува тежок натпревар в недела против Австрија во 1. коло од Ц-групата на Европското првенство.
– Австрија е силна репрезентација со корпулентни фудбалери. Негуваат германски фудбал. Најголем дел од нив играат во германскиот шампионат. Ќе бидат опасни на прекини. Затоа мора да сме подготвени на силни дуели. За да немаме проблеми ќе треба да освоиме голем дел од дуелите. Ние одработивме добри подготовки. Атмосферата во тимот е одлична. Сите што ќе излезат на теренот в недела ќе дадат максимум, последен атом од нашите сили за добар резултат, а за мене добар резултат е победа, истакна Шишковски.
Според него, од поразите од Австрија во минатото, треба да се научени грешките.
– Овој меч ќе биде различен од квалификациските средби. Почнуваме од нула. Ќе излеземе на теренот мотивирани да покажеме дека сме подобри од нив. Се надевам дека ќе го имаме најсреќниот ден на репрезентацијата, истакна Шишковски.
„Црвено-жолтите“ на 13 јуни во Букурешт со почеток од 18 часот го играат првиот натпревар против Австрија во рамките на групата Ц од Европското првенство