„Наш национален интерес е да го браниме Договорот од Преспа, бидејќи тој ни овозможи членство во НАТО, меѓународно етаблирање на јазикот и ни овозможи да дојдеме до чекор од отворањето на преговорите со ЕУ, тргајќи ја блокадата од Грција. Пораката на САД е дека сите политички сили кои делуваат против овие договори, делуваат против американскиот интерес“ кажа министерот за правда Бојан Маричиќ во неговото гостување во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.
„Нашиот национален интерес целосно се поклопува со американскиот интерес. Извршната наредба на претседателот Џо Бајден е потврда на неговата недвосмислена политика кон Западниот Балкан и одговор на документите и нон-пејперите кои ги минираат мировните и останатите договори. Американската политика во регионот се темели на тие договори кои се потпишани со американска помош и тие се столб на стабилноста во регионот. Секој кој оди против нив, оди против американскиот интерес“ кажа Маричиќ. Тој додаде дека не може да коментира за тоа дали одредени лица од Северна Македонија може да се најдат на црната листа на претседателот на САД. „Дали и кој ќе се најде е одлука на властите во САД, тие ќе кажат кого го перцепираат и дали има некој кој го перцепираат како закана за овие договори. Од регионот имаше такви имиња и не треба да се изнанадиме доколку се случи и лица од земајва да се најдат таму“ коментираше Маричиќ.