УЕФА официјално отвори истрага против австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ, поради инцидент што се случи на натпреварот на неговиот тим со Северна Македонија, известува Спорт Клуб.
Австрија победи со 3:1, а по натпреварот најмногу се зборуваше за „конфликтот“ помеѓу Арнаутовиќ и Езџан Алиоски.
„Во согласност со членот 31 (4) од дисциплинската регулатива на УЕФА, назначен е етички и дисциплински инспектор за да го испита инцидентот во кој учествуваше Марко Арнаутовиќ за време на натпреварот на Европското првенство помеѓу Австрија и Северна Македонија“, се вели во соопштението од УЕФА.
Арнаутовиќ постигна гол во 89-та минута, по што на национална основа го навредил македонскиот репрезентативец Алиоски.
Реагираше Фудбалската Федерација на Макеодонија
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) побара официјално од УЕФА најстрого да го казни австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ поради инцидентот што го предизвика во финишот на вчерашниот натпревар против македонскиот национелен состав во Букурешт во рамки на Европското првенство.
Арнаутовиќ со својот гол во 89. минута стави печат на триумфот на Австрија од 3:1 по што беше снимен од една од камерите крај теренот како со погрдни зборови се обраќа кон македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски, додека капитенот Давид Алаба се обидуваше да го замолчи својот соиграч цврсто притискајќи го со десната рака во пределот на образите.
ФФМ соопшти дека „најостро го осудува националистичкиот испад“ на Арнаутовиќ, упатен кон Алиоски.
– Воедно информираме дека поднесовме официјален допис до УЕФА во кој бараме најстрога казна за австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ. Како „Куќа на фудбалот“ секогаш сме против национализам, дискриминација и сите други форми на навреди и испади кои не се во духот на фудбалот и вредностите за кои сите заедно се залагаме. Секогаш ќе застанеме и ќе ги браниме интересите и достоинството на македонските репрезентативци каде и да настапуваат., се наведува во соопштението на ФФМ.
Арнаутовиќ се извини
Австрискиот репрезентативец преку социјалните мрежи се извини и истакна дека не бил расист.
– Имаше некои лоши зборови вчера искажани во „жарот“ на натпреварот и за нив сакам да им се извинам посебно на моите пријатело од Македонија и Албанија. Сакам јасно да кажам една работа: Не сум расист. Имам пријатели во речиси секоја земја и се залагам за различностите. Секој кој ме знае е свесен за тоа. Извинете, напиша Арнаутовиќ на македонски и на албански јазик.
Доколку се потврди дека имало навреди на расна или етничка основа, Арнаутовиќ би можел да биде казнет со суспензија од 10 натпревари.
Ј. Ѓ.